viktor naslovna Виктор Мешков, заменик директор во СПМГ Капитал

Не интересираат сите индустрии што додаваат вредност, значи или производствени или услужни фирми кои сепак имаат потенцијал да растат и да вработуваат луѓе. Инвестирањето во стартапи не е исклучено, но сме многу претпазливи.

БИ: Што е СПМГ Капитал?

СПМГ Капитал е локална фонд менаџмент компанија, основана во 2007 година, која управува со два фонда, Micro Investment Fund (МИФ), кој во моментов е во фаза на инвестирање, и Small Investment Fund (СИФ), којшто е во фаза на деинвестирање. Секој фонд има две фази. Едната фаза е фаза на инвестирање, во периодот кога постојат расположливи средства и всушност во таа фаза се вршат инвестиции во компании. Втората фаза е фаза на деинвестирање, која започнува веднаш откога ќе заврши инвестицискиот период, кој обично трае три години, односно по инвестирањето на средствата од фондот во портфолио фирми. Тогаш веќе се конвертираат средствата на фондот од паричен облик во удели од компании. Фазата на деинвестирање е всушност фаза на излез, односно продажба на тие удели. Продажбата најчесто е откуп од страна на самиот сопственик, а може да биде и продажба на трета страна. Кога ќе се продадат уделите во веќе инвестираните фирми по периодот на деинвестирање, средствата се враќаат оплодени кај самите акционери и со тоа се затвора циклусот и се гаси постоењето на фондот.

БИ: Кои се критериумите за инвестирање, под кои услови се одлучувате да вложите во некоја компанија?

i3Секој фонд си има посебни критериуми. До септември 2015 година имаме време да ги инвестираме средствата од МИФ што ни се на располагање, како единствен активен фонд во моментов. МИФ е всушност дел од проект на УСАИД. УСАИД ги инвестира средствата во проект за развој на микро и мали претпријатија кој се состои од три компоненти: првата компонента се состои од тренинзи и обуки што ги обезбедува ЦЕЕД Македонија, втората е техничка помош или бизнис поддршка на фирмите и третата компонента е самиот фонд. Замислата на проектот е да им се обезбеди на малите и микро фирми се она што им е битно за нивниот развој, а тоа е тренинг и обука, техничка помош и финансиски средства. Поради специфичноста, кога одлучуваме каде ќе инвестираме, првенствено ги разгледуваме фирмите учеснички во тој проект. Ги скенираме и вршиме длабински анализи на сите заинтересирани компании за инвестиција од страна на фондот, но имаме можност да разгледуваме компании и надвор од самиот проект, со тоа што доколку се одлучиме да инвестираме во некоја компанија, таа дополнително би станала дел од претходно споменатиот проект.

Сите услови и типови на инвестиции се специфични во зависност од самата компанија. Имаме неколку инвестициски критериуми. Она што е најбитно кога гледаме една компанија, прво е индустријата во која делува, затоа што има индустрии што растат и индустрии што опаѓаат. Доколку е брзорастечка или растечка индустрија, тоа е доволно за нас. Од аспект на индустрии, отворени сме за сите индустрии, освен за оние што се забранети според нашите политики и политиките на УСАИД, а тоа се казина и игри на среќа, клиники за абортуси, производство и трговија со оружје, јавни куќи и слично.

Вториот критериум е компанијата да нуди производ или услуга на пазарот која е барана, маркетибилна, профитабилна и интересна. Не ни се тагрети големи иновации и слично, затоа што додека да се создаде побарувачка за нив, би поминало многу време и не би можела фирмата да ги оствари очекуваните резултати од страна на фондот.

Третиот критериум е сопственичкиот/менаџерскиот тим, кој мора да биде искусен во она што го работи и да има висок степен на интегритет. Сопствениците треба да имаат и желба за партнерство, затоа што при нашето инвестирање, фондот влегува во партнерски релации, како малцински сопственик во компанијата.

БИ: Какви финансиски производи нудите?

За разлика од банките, каде што имаат веќе имаат изготвени, креирани финансиски производи, ние тргнуваме со крајно флексибилен пристап. Но, за да дојдеме до финансискиот производ, треба да ги поминеме сите фази во инвестицискиот процес – запознавање со компанијата, анализа на финансиското работење, разговори за идните очекувања на сопствениците или менаџерите, и веќе добиваме некоја претстава за работењето на фирмата, во која насока би се движела. Правиме проекции за следните 5 – 6 години за работењето и тука ги разгледуваме паричните текови на компанијата што ни се многу важни за да видиме каква ќе биде ликвидноста на фирмата. Потоа креираме финансиски производ што најмногу ќе им одговара на двете страни. Од интерес на фонд менаџмент компанијата и е да направи добри инвестициски договори, затоа што она што ќе ја направи фонд менаџмент компанијата успешна се успешните инвестиции. Целата понатамошна борба на таа компанија за да и се доверат за управување нови фондови е историјата на добрите инвестиции од претходните фондови.

Финансискиот производ се креира по таканаречена мезанин структура, односно 10% – 20% од самата инвестиција е во основната главнина на фирмата, тоа е делот со кој што влегуваме како малцински сопственици во фирмата. Остатокот од инвестицијата е во форма на кредит, да го наречам специфичен модерен кредит, што значи дека даваме грејс период на враќање на средствата, што не е случај со типичниот банкарски кредит, и не е обезбеден со колатерал. Обезбедувањето е само меница издадена од страна на фирмата. Оваа структура на инвестиции е понова во оваа индустрија и е така прилагодена да одговара на потребите на фирмите што имаат цел да растат, а сепак се микро или мали претпријатија.

БИ: Во што се разликува кредитот на фондот од оној на банките?

i4Она што е специфично за фондот, за разлика од банките кога даваат кредити е тоа што на пример ние преземаме поголем ризик од самите банки затоа што сме пофлексибилни околу колатералот. Тоа значи дека можеме да ги издадеме средствата без да бараме недвижен или движен имот од страна на фирмата. Како наш инструмент за намалување на ризикот е да ги избереме вистинските компании, значи вршиме многу детални анализи, повеќе состаноци, разговори, едноставно, длабинската анализа ни е средство за управување со ризикот. Генерално гледано, разликата меѓу банките и нашите фондови е тоа што доколку на фирмата и се случи најлошото можно сценарио, банката нема да загуби многу затоа што има колатерал да ја наплати својата инвестиција, а додека приватниот фонд во целата ситуација би изгубил се, заедно со сопствениците. И втората најбитна разлика е во овозможување на долг грејс период на враќање на средствата, при што на компанијата и се овозможува намалување на финансискиот притисок во времето на реализација на стратегијата за раст, поддржана од инвестицијата.

БИ: По што Вашиот концепт на инвестирање се разликува од концептот на бизнис ангелите?

Концептите со бизнис ангелите ни се слични. Ангелите исто како и приватните фондови спаѓаат во концептот на ризичен капитал / алтернативно финансирање, меѓутоа таму станува збор за поединци кои вложуваат помали пари и даваат помош, но на ниво на физичко лице. Најважната разлика се прави во фазата на животниот циклус на компанијата во која инвестира бизнис ангелот и приватниот фонд. Има уште една форма на ризичен капитал, venture capital фондови (VC), кои се послични со бизнис ангелите, затоа што тие се целосно фокусирани кон стартап бизниси.

Ние не спаѓаме во оној дел каде што се позиционирани бизнис ангелите и VC фондовите, во најраната фаза од животниот циклус на компанијата, туку сме веднаш по таа фаза на развој, при што после нас се банките. Треба да има повеќе избор за компанииите, но она што дефинитивно недостига на пазарот на капитал се VC фондовите. Тој недостиг оневозможува да се докомплетира целиот синџир на финансирање.

logo spmg

БИ: Вие не инвестирате во стартапи?

Ние сме многу поригорозни кога се работи за стартапи. Не дека не инвестираме, но многу е помала веројатноста да инвестираме во стартап отколку во фирми кои имаат веќе некоја историја на постоење. За разлика од нас, бизнис ангелите и VC фондовите имаат сосема различен модел на функционирање. Тие се целосно насочени кон стартапи, но нивните инвестиции се многу помали од нашите. Нашата поединечна инвестиција, на пример, конкретно од МИФ, се движи од 50.000 до 100.000 долари, во услови кога самиот фонд е 800.000 долари, што значи дека би направиле некаде помеѓу 8 – 10 инвестиции. За разлика од нашиот концепт, VC фондовите и бизнис ангелите со фонд од слична големина би направиле некаде помеѓу 50-80 помали инвестиции. Нивната логика е дека од стартап бизнисите, статистички, успешни се само 10%, што значи дека на таа логика го развиле бизнис моделот – инвестираат помалку во повеќе фирми и се обложуваат дека една или неколку од нив ќе ги вратат сите пари што ги вложиле. Кај нас важи сосема друга логика. Не прифаќаме толкаво ниво на ризик и правиме помалку инвестиции со повисоки износи на средства. Кај нас VC фондови нема и тоа е главниот проблем на пазарот на капитал и на потребите што реално ги имаат самите фирми, затоа што има многу луѓе со идеи и разработка на идеи што бараат почетни средства, но ние не сме фокусирани на тој сегмент. Инвестирањето во стартапи не е исклучено, но сме многу претпазливи.

БИ: Кои индустрии ви се најинтересни во моментов за инвестирање?

До сега имаме инвестирано во компанија за производство на здрава храна, затоа што оваа индустрија е брзо растечка. Не интересираат сите индустрии што додаваат вредност, значи или производствени или услужни фирми кои имаат потенцијал да растат и да вработуваат луѓе. Тука е и ИТ индустријата, но сепак фирмата треба да има некаква конкурентска предност пред другите, затоа што има растечки индустрии со огромна глобална конкурентност. Конкуренцијата е фактор што влијае врз можниот раст на фирмата. Овие инвестиции не се за масовно користење, мал број на компании ќе добијат средства, па затоа гледаме тоа што ќе го избереме да биде во согласност со инвестициските критериуми на фондот.