kolumna

Последниов период, со многу луѓе дискутираме на тема, каква година беше годинава што изминува. Сите некако како да чекаме да помине, да заврши. Но, и доколку се завртиме назад и погледнеме што сè се случуваше, ќе видиме дека и не е далеку вистината – зошто така се чувствуваме. Што се случува со познативе личности?! Принц, Мохамед Али, Дејвид Боуви, Џорџ Мајк, Леонард Коен, Кери Фишер, Есма. Сите си заминаа годинава!

Со цел да видам кои биле најобјавуваните наслови во светот, направив малку истражување. Зборовите што се повторуваа (90%) беа: корупција, убиства, природни катастрофи, тероризам, вируси, незгоди, смрт на познати, BREXIT, избори во САД… Единствени позитивни вести беа поврзани со олимпијадата во Рио, ова лето, и назначувањето на Мајка Тереза за светица. Една мала сугестија и до новинарите. Знаеме дека луѓето се „палиме” на негативни вести, но во 2017-та, да се изборат да објават и некоја позитивна вест!

Дури и астролошки гледано (за тие што си читаат хороскоп), 2016 била тешка година. Тоа била година кога „промената ќе дојде”. Година на драматична трансформација, кај нас самите, но и во светот околу нас. Сепак, следела година на подобрување, позитивни промени и излез од тешката вакуум ситуација.

Од кој аспект да погледнеме, годината си беше тешка и се надеваме ќе не поштеди во следните ден-два и ќе ја испратиме со позитивни мисли. Иако сакаме да бидеме позитивни, во толку негативно окружување, тоа е многу тешко, па и невозможно. Сепак, се вели дека сето тоа што помина само може да нè направи посилни, да ни биде учител со цел да застанеме, размислиме и да подобриме нешто кај нас, т.е. да  направиме некоја промена.

Како и да е, колку и да се попозитивни предвидувањата, мора да сме свесни, за да се случи нешто позитивно во 2017-та, морало подготовките да ги почнеме во 2016-тата година. Односно, со цел 2017-та да биде подобра (како што и си посакуваме цело време за НГ) мора да почнеме или да работиме претходно на нешто ново. Ако ништо не сме промениле или подобриле кај нас, не сме се помрднале од комфорната зона, не може да очекуваме некои драматични резултати во иднина. Затоа, прифатете ја новата состојба на „промената ќе дојде” и подгответе се за сите предизвици што следат.

Бидејќи сепак ова е неделен совет, во прилог неколку сугестии што може да направите овие неколку дена додека сè уште еуфоријата и мотивацијата е на високо ниво:

  1. Доколку нешто ви тежи и имате неразрешена ситуација со некоја личност, искористете ги овие последни 2-3 дена и направете го муабетот. Оставете ги во минатото нерешените ситуации.
  2. Запрашајте се што научивте за себе од оваа година и изминатите предизвикувачки ситуации.
  3. Одберете една лекција и поставете си цел да ја имплементирате следната година. Некоја радикална промена што ќе ја направите, нешто по што ќе ја паметите 2017-та. 

Среќни празници и бидете свесни дека клучот е кај вас.

Со успех во промените.

Ако имате прашање за Петар Лазаров, можете да го поставите на Бизнис советник.

email