makedonska-berza-580x405

Акциите на Стопанска и Комерцијална банка, како и на фармацевтската компанија Алкалоид се најтргувани во декември, покажува Месечниот статистички билтен на Македонска берза.

Во текот на декември, на официјалниот пазар на Македонска берза најмногу се тргуваше со акциите на Стопанска банка, по што беа направени 179 трансакции коишто учествуваа со 37,39% во вкупниот промет на берзата. Втори најтргувани хартии од вредност се оние на Комерцијална банка со 148 трансакции и 12,49% дел од вкупниот промет на официјалниот пазар. Зад нив се акциите на Алкалоид со 99 реализирани трансакции и 8,69% од вкупниот промет.

Три акции со најголем пораст во текот на декември се: Транскоп – Патнички сообраќај Битола, Арцелормиттал Скопје (ХРМ) Скопје и ЗК Пелагонија од Битола. За 50% е зголемена вредноста на акциите на Транскоп Битола, по што просечната цена на 29.12.2016 година беше 1.500 денари. Акциите на Арцелормиттал Скопје (ХРМ) имаа пораст од 36,36% и просечна цена од 15 денари на крајот на декември. Трети акции со најголем пораст на официјалниот пазар беа оние на ЗК Пелагонија со скок од 16,28% и просечна цена од 2.500 денари.

Акциите на РЖ Услуги, Стопанска банка и Аутомакедонија беа трите хартии од вредност со најголем пад во декември лани. Најголем пад од 23,39% е забележан кај акциите на РЖ Услуги, чија просечна цена на крајот на минатиот месец се позиционираше на 95 денари. Една акција на Стопанска банка имаше просечна цена од 768,26 денари на 29.12.2016 година по падот на вредноста од 21,14%. Трети акции со најголем пад беа оние на Аутомакедонија, чија просечна цена беше 1.463 денари и месечно намалување од 11,33%.

Пазарната капитализација на Македонска берза во декември се позиционираше на 115.710.274.852 денари, што е за 3,98% помалку во однос на претходниот месец. Пад од 29,47% е евидентиран кај прометот, којшто на крајот на декември достигна 309.818.392 денари. Во пресметковниот период се реализирани вкупно 1.063 трансакции или за 48,02% помалку во однос на ноември 2016 година. Пад од 3,26% има кај вредноста на индексот МБИ 10, којшто изнесува 2.134,91 поени.

email