pere naslovnaНикола Перевски Пере, композитор, продуцент и фронтмен на групата Нокаут

Да се води бенд е слично како да се води фирма. Фронтменот мора да ги менаџира работите внатре во бендот. Да биде палецот на дланката, без кој ниту еден друг прст не би бил функционален.

БИ: Наредната година Нокаут прославува 20 години од постоењето. Што е потребно да се одржи и развива бренд во шоу бизнисот?

Ќе звучи како некое клише, но јас би рекол дека тоа е вистината која не смее и не може да се заобиколи. А, тоа е дека публиката (односно консументите) препознава кога нешто работиш од срце и со голема посветеност, а кога ти е поважен само материјалниот дел. Љубовта кон работата е првиот услов што мора да се исполни. Без тоа, успехот би бил само моментален, а не долготраен. Доколку се внесеш целосно, имаш јасна цел пред себе, постојано бараш и ја негуваш инспирацијата и не се предаваш по нокаутите, тогаш сигурно ќе успееш да се одржиш многу подолго.
А, кога веќе ќе го исполниш овој услов, неизбежно е да му посветиш внимание и на оној, менаџерскиот дел. Кога ќе се најдеш на иста бранова должина со некој кој добро знае како да ја изменаџира уметноста, за ти да можеш комплетно да му се посветиш на креативниот дел, тогаш успехот е неизбежен.

БИ: Што значи да се менаџира бенд? Која е разликата во менаџирањето од уметнички и бизнис аспект?

Во земја како Македонија, тоа е многу тешка задача, од повеќе аспекти 🙂
Јас лично повеќе сум посветен на творечкиот, креативниот момент,  но неретко се случило да бидам вклучен и во менаџирањето. За тоа долго време беше задолжен мојот брат Бојан, кој исто така е член на Нокаут, па можеби тој би можел подобро да ви одговори на ова прашање 🙂 Она во што јас лично се имам уверено е дека понекогаш е фрустрирачки, особено ако се има предвид дека ние уметниците не сакаме баш да се занимаваме со бирократии, финансии и слични моменти. Да се води бенд е слично како да се води фирма. Фронтменот мора да ги менаџира работите внатре во бендот. Да биде палецот на дланката, без кој ниту еден друг прст не би бил функционален. Да биде главната движечка и креативна сила, во што се надевам дека успевам. А, кога тој ќе мора својата енергија да ја распредели и во онаа другата, менаџерска сфера, тогаш обврските се дуплираат. Од една страна мораш да твориш ослободен од сите стеги, а од друга страна те чекаат милион техникалии кои немаат ниту една допирна точка со музиката. Им симнувам капа на сите оние музичари и уметници кои самите се менаџираат. Воопшто не е лесно.

1

БИ: Каде е „бизнисот“ во „шоу бизнисот“?

Не можеш да кажеш “шоу бизнис” без да го кажеш зборот “бизнис”. Не џабе е тоа така. Погледнете го само американскиот шоу бизнис и сè ќе ви стане јасно. Таму нема шоу без бизнис. Ние сме далеку од тоа, но сепак се трудиме да го истераме професионално и бизнис делот.
Да, музиката пред сè е наша љубов, но имајќи предвид дека на најголем дел од членовите на Нокаут музиката им е животна определба, факт е дека не би можеле да преживееме доколку не го истераме и бизнис моментот. А, тој подразбира одлично разработен маркетинг и ПР план, беспрекорна финансиска конструкција, преговори и договори, одлична организација на концертите и настапите, подготвување сценографија и костими, сметки, фактури, даноци… Не е воопшто толку едноставно како што изгледа другата страна на сцената. На нашите самостојни концерти им претходат еден куп ситни, но многу важни детали.

БИ: Кога и како уметноста обезбедува средства за живот?

Да беа некои работи во Македонија многу посредени отколку што се, ќе живеевме далеку поудобен живот, исполнет со непречена инспирација, музика и креативност. А, навистина, нема ништо поубаво од тоа да живееш од она што најмногу го сакаш. И покрај иницијативите за поддршка на македонската музика, сепак мора уште многу да работат и вложат и двете страни.

4

БИ: Што да очекуваме од Вас по повод големиот јубилеј?

Она што најдобро знаеме да го правиме, да му посветиме уште една незаборавна вечер на надворешниот член на Нокаут – нашата публика. Имаме безброј идеи и желби, а кратка черга за испружање на нозете. Сепак, сигурен сум дека тимот со кој ќе работиме, ќе успее да даде сè од себе, за да го одбележиме роденденот на најдобар можен начин. Едно е сигурно, ќе пееме и свириме македонска авторска музика од срце!

БИ: Порачајте им нешто на младите уметници кои се подготвуваат за првиот чекор на големата сцена...

Ќе паѓате многу, но станувајте уште посилни и поисправени од претходно. Не губете надеж во ниту еден момент, затоа што не постои ништо поубаво од моментот кога ќе го достигнете посакуваното. Кога ќе излезете на сцена и ќе видите океан од луѓе кои дошле тука само за вас. Дошле да слушнат дел од твојата душа. Да ти покажат дека не биле залудни сите подеми и падови.

email