112Роберт Петковиќ, веб аналитичар, Агрокор, Хрватска

Роберт Петковиќ е сертифициран Google Analytics експерт со огромно искуство во веб дизајн и имплементација на ГА за следење на успешноста на активностите во дигиталниот маркетинг. Работи како веб аналитичар во хрватскиот концерн Агрокор и моментално е фокусиран на напредна ГА имплементација користејќи Tag Manager, онлајн – офлајн интеграција и Search engine optimization (SEO) за зголемување на ефикасноста на интернет страните. Петковиќ е еден од говорниците на еднодневната конференција за дигитален маркетинг, AllWeb, што ќе се случува на 18 ноември во Скопје.

БИ: Живееме во дигитално време во кое добивката е во нераскинлива врска со ИТ. Како Гугл Аналитикс (Google Analytics) помага да се обезбеди поголем профит?

Google Analytics е неопходна алатка за маркетинг, иако јас се трудам некои корисни извештаи да им ги дадам и на колегите од продажба и ИТ. Без повратни информации од алатка како што е ГА, успехот на вашата веб страна или веб шоп се случува случајно, а не плански. Замислете го ГА како добро опремена контролна табла во автомобилот. Ако надвор е убаво, сончево време и возите по автопат, скоро и да нема разлика во патувањето со пежо или голф двојка, освен што реално може да оди побавно или малку повеќе да бучи. Но, ако почне да врне и падне магла, во голфот знаеме само евентуално колку брзо возиме, но не знаеме колку трошиме и дали ќе имаме доволно гориво до следната бензинска пумпа. Не ни работи климата, па стаклата се замаглуваат, брисачите се со квалитет под знак прашалник, а навигација не постои, па возењето станува кошмар во споредба со леснотијата на патувањето во помодерен автомобил. Секако, некој ќе рече “па секој добар возач може во голф да стигне од Белград до Скопје по најголемиот дожд за икс часови”, што е вистина, но во помодерен автомобил со повеќе инструменти нашето патување ќе биде попријатно, а повратните информации што ни ги даваат инструментите ќе ни овозможат да стигнеме на целта побрзо и побезбедно.

ГА овозможува да ја следиме успешноста на било која интернет страна, не само на веб шоповите. Со анализа на однесувањето на корисниците на нашите веб страни, можеме да видиме колку тие страни му помагаат на корисникот да ја оствари целта поради која дошол на страната и колку нашите маркетинг активности (промоција на Facebook, Google огласи, њуслетери и слично) влијаат на остварување на тие цели, од кои една цел може да биде и онлајн нарачка. Со добра анализа можеме да покажеме кои огласи или видови промоција подобро ги продаваат нашите производи и услуги, а кои огласи или канали на промоција ни носат полоши резултати. Врз основа на тие резултати можеме во истиот момент да го алоцираме буџетот на оние канали што се поуспешни и така да заштедиме пари. Таква оптимизација и заштеда не можеме да направиме со печатени огласи, па ниту со огласи за веб страни на кои не е поставена аналитика. Веб страните кои на овој начин ги оптимизираат своите трошоци за маркетинг, можат да остварат и до 20 пати поголем профит од веб страни што не ја менуваат содржината или не ги оптимизираат своите онлајн кампањи.

113

БИ: Признат сте како врвен експерт за веб аналитика во регионот. Можете ли да направите некаква споредба, каде во регионов компаниите најмногу користат ГА?

Немам некакви податоци за користење на ГА во регионот, но Google вели дека во светот ГА се користи на 83,5% на сите сајтови на кои постои аналитика. Верувам дека во регионов ГА, кој годинава го прослави десетиот роденден, се користи во сличен процент на активни веб страни.

БИ: Во кои индустрии најчесто се користи?

Од индустриите, прв го препозна туризмот, кој уште од пред 7-8 години користеше напредни имплементации на ГА, а кои сè уште не ги користат некои индустрии. Лично работев на истражување за користење на напредни поставки на е-комерц на веб шопови пред една година и дојдов до заклучок дека напредни поставки користат помалку од 2% од интернет продавниците, додека со следење на однесувањето на корисниците во веб шоповите се занимаваат помалку од 10% веб шопови.

Не постои интернет страна или индустрија која не може да профитира од користење на аналитика, без разлика дали ги продава своите производи преку интернет или не. Се сеќавам дека еднаш држев едукација во поголема фирма, каде присутните дојдоа со став “па нема да продаваме камиони преку интернет со кредитни картички”, а на крај станаа свесни колку интернет страната им штеди време и пари и што треба да следат на страната за да ја подобрат нејзината успешност.

Секоја интернет страна мора да има цел, по можност цел што е мерлива. Само со поставување на аналитика на веб страните можеме да следиме колку тие цели се остваруваат, дали промените што сме ги направиле на страните го подобруваат остварувањето на тие цели и што уште треба да смениме за страните да ни бидат што поуспешни. Најлошо што можеме да направиме е да ставиме веб страни на сервер, да ставиме аналитика на нив и потоа неколку години да не ги менуваме, надевајќи се дека успехот ќе ни падне од небо. За жал, тоа е сценариото што сè уште најчесто може да се види во регионов.

allweb-580x237“Секоја година на AllWeb се трудиме да посветиме внимание и на т.н. performance marketing, делот кој во суштина го движи интернетот, делот за кој толку многу зборуваме, а толку малку го работиме. Минатата година имавме одлична реакција од публиката на темите поврзани со аналитика. Токму затоа оваа година го имаме и Роберт на сцената на 18 ноември, за да ни помогне на сите да научиме нешто повеќе за квалитетното читање на податоците што ги собираме од нашите интернет кампањи”, вели Дарко Булдиоски, програмски директор на AllWeb конференцијата.
email