А

Аванс – Аванс е износ на финансиски средства или одредена количина на производи што едната договорна страна ги предава однапред при склучување на договор на другата договорна страна.

Адекватност на капитал – Адекватност на капитал е способност на банката да ги нуди своите услуги сè додека го одржува законски утврдениот однос меѓу капиталот и вкупната актива.

Административна забрана – Административна забрана претставува забрана што се става на заработката на должникот, односно корисникот на кредитот, по негова согласност.

Аквизиција – компанијата што е финансиски посилна и помоќна купува друга компанија, при што ја задржува главната контрола врз целокупното работење.

Аконтација – паричен износ помал од договорената вредност на одреден производ и услуги, што се дава како гаранција за извршување на однапред утврдена зделка.

Акредитив – обврска на банката, според налог на својот комитент – увозник, да изврши плаќање на корисникот на акредитивот, со презентирање на документи за исполнување на одредени услови што се предвидени со акредитивот.

Актива – сметководствен поим што ги опфаќа сите видови на средства коишто му стојат на располагање на претпријатието при извршување на неговата основна дејност.

Акцелератор – едукативна програма којашто во точно утврден временски период им помага на претприемачите да се стекнат со одредени вештини, искуство и знаење. Бизнис акцелераторите нудат менторство и обезбедуваат финансиска поддршка за развој на стартапот.

Акциза – посебен вид на данок што се пресметува кај стоки што се контролирани од државата и што имаат ценовно нееластична понуда. Акциза се пресметува кај производите од тутун, алкохолните пијалаци и нафтените производи.

Акција – хартија од вредност којашто е доказ за сопственост над идеален дел од акционерскиот капитал на компанијата. Сопственикот на акцијата има право на глас, на дивиденда и право на дел од стечајната маса доколку компанијата е во ликвидација.

Амортизација – сметководствено отпишување на вредноста на основните средства коишто ги користи компанијата. Постои национална номенклатура според којашто се утврдува стапката на отпис, односно амортизација на одредено основно средство што компанијата го користи на подолг временски период.

Ануитет – постапна отплата на долгорочен кредит, во којашто е инкорпориран дел од ратата зголемена со камата. Банките на своите клиенти им изработуваат амортизационен план според кој се следи висината на ануитетот (ратата и каматата).

Апресијација – зголемување на вредноста на валутата на една земја.

Асигнација – преку асигнација едно лице – уплатувач (асигнант) овластува друго лице – уплатеник (асигнат), за негова сметка да изврши нешто за трето лица – примач (асигнатор), а него го овластува да го прими тоа извршување.

Аукција – формирање на цена на одреден производ или услуга преку јавно наддавање. Најчесто предмет на наддавање на аукциите се производи коишто имаат неизедначен квалитет, а може да се продаваат и антиквитети, уметнички слики, ретки предмети.

Б

Банкарска гаранција – правна работа со којашто банката во функција на гарант, на барање на одредена компанија во улога на налогодавач и согласно неговите инструкции, издава гаранција на трета страна што е корисник на истата. Преку гаранцијата, банката презема неотповиклива обврска кон корисникот на истата, дека во случај на неисполнување на обврските од налогодавачот, кој е должник по основ на гаранцијата, обврската ќе биде исполнета од банката гарант.

Банкарска тајна – обврска на сите вработени во банката да ја чуваат тајната околу делувањето на банката или околу договорите и трансакциите што ги склучува со клиентите. Тоа се однесува на личните податоци на клиентите на банката, висината и видот на долговите што ги имаат, износот на депозити со коишто располагаат, како и спецификација и вредност на скапоцени предмети што ги чува во банката.

Банкрот – финансиско пропаѓање на банка или компанија поради неможност да ги подмири достасаните обврски. Банкрот се прогласува кога финансиските обврски и долгови се поголеми од вредноста на имотот со којшто располага банката или компанијата, а во исто време нема можност за финансирање преку кредит.

Бенчмарк – мерка за вредност или стандард што се користи како референтен показател што се користи при правење на компаративна анализа. Бенчмаркингот претставува споредување на одреден производ, услуга, резултат… со оние на најдобрата компанија од истата дејност.

Берза – специјализиран пазар на којшто се “среќаваат“ продавачи, купувачи и посредници (брокери). Тргување на овој вид пазари се врши според строго утврдени правила и законска регулатива.

Берзански поими

Биланс – билансот на состојба претставува табеларен приказ на сите средства и извори на средства на една компанија во точно утврден временски период. Билансот на успех е пресек на сите расходи и приходи што ги остварила компанијата во одреден период. Кај билансот на состојба важно е да се постигне еднаквост меѓу активната (сите средства) и пасивната (сите извори на средства) страна. Од друга страна, кај билансот на успех важно е да се спротивстават приходите со расходите за да се добие финансиските резултат – позитивен доколку приходите се повисоки од расходите или негативен, доколку расходната страна е поголема од приходната.

Благајнички запис – краткорочни хартии од вредност чиј издавач е централната банка на една земја. Служат како инструмент на монетарната политика за контролирање и стабилизирање на паричната маса во оптек. Доколку централната банка сака да ја намали паричната маса, го зголемува износот на записи што ги нуди на продажба, а доколку целта е зголемување на паричната маса, во тој случај продава помалку записи од износот што достасува за наплата.

Бонитет – оценка за настапување на несолвентност (долгорочна неликвидност) на компанијата во иднина. Оценката се темели на сеопфатна анализа на завршната сметка и состојбата што владее во фирмата.

Бренд – или трговска марка е симбол, име или знак преку кој се означува одреден производ на пазарот.

Брокер – професионално лице кое по налог на својот клиент извршува трансакција на берзата. Брокерите се посредници меѓу понудата и побарувачката на хартии од вредност на берзите.

Бруто домашен производ – БДП е збир на вредноста на сите произведени финални добра и услуги во една земја во текот на една година. Преку вредноста на оваа категорија се прави економска оценка на растот на земјата.

Бруто национален производ – го опфаќа бруто домашниот производ заедно со нето доходот од имот во странство. Нето доходот од имот во странство го опфаќа доходот што го остваруваат странски државјани во земјата, врз основа на сопственост. Разликата меѓу БДП и  БНП се однесува на третирање на производите и услугите произведени од ресурси што не потекнуваат од националната економија.

В 

Валута – хартиени и ковани пари што ги издава државата и служат како средство за размена и законско средство за плаќање.

Вирман – образец за безготовинско плаќање меѓу субјектите во платниот промет. Преку овој документ се врши парична трансакција од една на друга сметка.

Г

Гаранција – банкарска гаранција претставува правна работа со којашто банката (гарант) на барање на компанијата (налогодавач) и согласно пропишаните инструкции, издава гаранција на трета страна (корисник на гаранцијата).

Герила маркетинг – рекламна стратегија што се фокусира на ниско-буџетни неконвенционални и креативни маркетинг тактики коишто даваат максимални резултати.

Главница – во банкарска смисла може да биде износ на пари што се депонира во банка, па врз основа на износот се утврдува и каматната стапка. При основање на ново претпријатие, потребна е основна главнина во парична или непарична форма за отпочнување на бизнисот.

Глобализација – претставува пораст на меѓусебната зависност на пазарите и производството во различни земји преку трговија на добра и услуги, слободен проток на капитал, стратешки договори и различни начини на користење и споделување технологија.

Грејс период – временско одложување на извршувањето на некои финансиски обврски. Грејс периодот е времето од моментот на исплата на кредитот до уплатата на првата рата на кредитот од страна на корисникот. Најчесто се користи кај долгорочните кредити наменети за компании за финансирање на одредени инвестиции.

Д

Данок – износ на финансиски средства или друг вид на обврски што секое физичко или правно лице мора да ја плати на државата.

Двојно оданочување – настанува во случај кога два пати се плаќа данок за ист предмет, износ или обврска.

Девалвација – мерка на монетарните власти со којашто се намалува вредност на домашната валута во однос на една или повеќе странски валути.

Девизи – го претставува секое побарување во странство што гласи на странска валута. Но, често се користи кога се означува странската валута.

Девизен курс – цената на една странска валута изразена во домашна валута.

Деловна тајна – ги опфаќа сите податоци со кои располага една компанија, а кои доколку се соопштат на трето лице би можеле да предизвикаат штета во интересите и деловниот имиџ на компанијата.

Демонетизација – го претставува процесот кога престанува да се користи одреден метал како монетарен материјал од којшто се прават кованите пари. Овие пари направени од метал што е демонетизиран, не се повеќе законско средство за плаќање.

Деноминација – промена на номиналната вредност на една парична единица којашто се прави преку замена на пари со пари со помала или поголема вредност.

Депо – посебен простор во банките за чување на накит, скапоцени предмети, хартии од вредност и слично за што банката наплаќа провизија.

Депозит – износ на средства на комитентот депониран во банка, којшто може да биде орочен или по видување. За тој износ на средства, комитентот добива одредена камата од банката.

Депресијација – намалување на куповната моќ на парите на домашниот пазар во однос на странски валути што се користат како референтни.

Дефлација – намалување на паричната маса во оптек, што доведува до зголемување на вредноста на парите. Дефлацијата ја покажува неурамнотеженоста на стоковно – паричните односи предизвикана од намалената парична маса во оптек.

Диверзификација – претставува зголемување или проширување на производниот или продажниот асортиман на компанијата, преку вклучување на нови производи или услуги, коишто се различни од останатите.

Дивиденда – дел од профитот на компанијата што акционерот ја добива на основа на сопственоста на акциите, а чија висина се одредува на собрание на акционери во зависност од остварениот финансиски резултат.

Дисконтирање – одземање на износот на каматата кај исплати чиј рок не е завршен, а означува и дисконтна стапка којашто се користи при дисконтирање. Станува збор за сведување на идниот паричен износ на актуелната вредност.

Диспаритет – ја покажува разликата меѓу официјалниот и пазарниот курс на валутите. Се изразува како отстапка од паритетот на валутите и девизни курсеви, односно нивниот официјално утврден однос и цената.

Диференцијација – кога станува збор за диференцирање на цени, тоа означува пресметка на различни цени на исти или различни купувачи за ист производ или услуга.

Добивка – позитивен финансиски резултат што компанијата го остварува во одреден временски период, а се остварува во ситуации кога вкупните приходи ги надминуваат вкупните расходи на компанијата.

Дознака – плаќање со пренос на парични побарувања на одредена сметка во банка.

Долг – износ на средства коишто должникот му ги должи на доверителот.

Докапитализација – начин за зголемување на капиталот, односно главнината на компанијата. Капиталот може да се зголеми со вложување на пари, предмети и права. Со докапитализацијата се зголемува имотот на компанијата.

Доход – паричен износ којшто една личност го остварува по основ на вработување, издавање под наем, поседување акции или камата.

Due diligence – израз што се користи за секаков вид на длабинска анализа. Ваквиот вид на анализи можат да бидат законска обврска или треба да се спроведат во клучен момент при донесување на одлука.

Дуопол – пазарна ситуација во која на страната на понудата има само две компании, додека на страната на побарувачката има голем број купувачи. Секоја активност на една од компаниите влијае на работата на другата компанија, што доведува до слично или идентично однесување на двете фирми.

Ѓ

Е

Еврообврзница – посебен вид на обврзница (хартија од вредност) којашто е деноминирана во најстабилната странска валута, во којашто се тргува. Може да биде изразена во: долари, јени, британска фунта…

Економетрија – гранка од економската наука којашто ги поврзува економската теорија, математичката економија и методите на статистичка анализа, а се занимава со развивање и усовршување на методите и моделите за квантитативна анализа на економската структура, со цел да се востановат законитости на економските процеси.

Електронско тргување – купување и продажба преку Интернет.

Ембарго – трговско ограничување, односно воведување на одредени квоти со коишто се става делумна или целосна забрана за размена на одредени производи со одредена земја. Увозното ембарго се воведува со цел да се воспостави рамнотежа во билансот на плаќање со странство или за да се заштити домашното производство.

Емисија на хартии од вредност – издавање на краткорочни или долгорочни хартии од вредност, во којашто се опишуваат најважните елементи што треба да ги содржат овие вредносни хартии.

Ефектива – книжни и ковани пари што се пуштен во оптек во одредена земја. Колку е поразвиен платниот промет во земјата, толку готовината е помала. Тоа е резултат на користењето на безготовинските начини на плаќање.

Ефективна стапка – каматна стапка којашто покажува колку чини кредитот, односно колкава е вкупната цена на кредитот што треба да ја плати клиентот на банката. На висината на ефективната каматна стапка освен редовната каматна стапка влијае и висината на надоместокот што клиентот го плаќа на банката при одобрување на кредитот, временскиот период, гарантниот депозит или удел.

Ж

Жирант – лице кое гарантира дека доколку кредитокорисникот не ги исплаќа своите доспеани обврски, тој ќе го стори тоа наместо него.

З

Загуба – негативен финансиски резултат што компанијата го остварува во одреден временски период. Загубата се појавува кога расходите во компанијата ги надминуваат приходите.

Ѕ

И

Извоз – настап на странски пазар преку продажба на производ или услуга надвор од земјата.

Инвестициски фонд – здружени парични средства наменети за инвестирање, прибрани од инвеститори преку јавен повик или приватна понуда, со коишто за сметка на инвеститорите управува друштво за управување со фондови.

Индустриска шпионажа – користење на разузнавачките служби во интерес на компанијата. Се користат сите достапни легални и нелегални методи на собирање на потребните информации.

Инсолвентност – неспособност за извршување на плаќањата или подмирување на обврските во однапред договорени и предвидени рокови.

Интерна ревизија – начин преку којшто компанијата ги следи процесите на управување и надзор, правејќи го управувањето поефикасно и синхронизирано со стандардите и прописите.

Инфлација – прекумерно зголемување на паричната маса во оптек, што доведува до намалување на вредноста на парите.

Ј

K

Камата – цената што ја наплаќа банката за износот на одобрениот кредит на својот клиенти. Каматната стапка се изразува во процент (%) и ја претставува цената што корисникот на кредитот треба да ја плати за привремено отстапениот износ што му е оставен на користење.

Капар – одреден износ на пари што едната договорна страна го отстапува на другата како знак дека договорот е склучен со цел да го гарантира неговото извршување.

Капитал – ја означува вкупната вредност на имотот на компанијата (финансиран од сопствени и туѓи извори на средства).

Капитализација – во берзанското работење го означува вкупниот промет во одреден период. Капитализацијата го покажува и вкупниот број на хартии од вредност што ги издала една компанија. Под капитализација може да се подразбира и секое зголемување на сопствениот капитал на фирмата.

Кауција – гаранција при извршување на одредена обврска.

Клаузула – додаток или дополнување на договор. Во обврзувачките договори, тоа може да биде одредба со којашто се одредуваат односите меѓу договарачите доколку има големи промени.

Клиринг – збирно водење на сметки во рамки на билатерални договори.

Кредит – должничко доверителски однос во којшто банката отстапува одреден износ на парични средства на клиентот на одреден временски период, под одредени услови и со утврдена каматна стапка.

Кредитен рејтинг – проценка на способноста и подготвеноста властите во земјата навремено и во целост да го сервисираат долгот.

Компанија – основен економски субјект, којшто се основа за стекнување на добивка.

Конвертибилност – можност за замена на пари со некоја друга вредност. Под конвертибилност може да се опфати замена на хартиени пари со злато или пак замена на една валута за друга.

Консолидација – процес на спојување на темелните финансиски извештаи што ги прави матичната компанија со нејзините подружници.

Контент маркетинг (Content marketing) – или маркетинг на содржина претставува техника на создавање и дистрибуција на содржина чија примарна цел е да остави впечаток, да формира релевантна вредност и на тој начин производот или услугата да допре до потрошувачите.

Контингенција – непредвидлива околност, настан или фактор што во конкретна ситуација би можел да влијае на одреден настан.

Концесија – договор со државата на којшто некој претприемач добива одобрение односно стекнување на право, со плаќање на одреден надомест на државата, за одредено економско искористување на природните богатства и други добра што се од интерес на државата.

Корпорација – најразвиен облик на компанија, којашто до средствата за основање и работа, доаѓа до издавање на хартии од вредност.

Корупција – претставува злоупотреба на овластувања, функции или положба за да стекне одредена материјална и нематеријална корист.

Котација – регистрација на хартиите од вредност на берза заради официјално тргување.

Кумулативност – процес на исполнување на сите претпоставки за воспоставување на одреден однос, право или барање.

Л

Либор – или Лондонска меѓубанкарска стапка претставува променлива референтна каматна стапка што се пресметува на меѓусебните кредити на банките што работат на лондонскиот пазар на капитал.

Лизинг – начин на обезбедување на средства за обезбедување одредени предмети. Може да се дефинира како договор склучен меѓу лизинг компанијата и корисникот на предметот на лизинг.

Ликвидација – постапка на згаснување на одредена компанија, а имотот и средствата се делат на останатите физички и правни лица на основа на закон.

Ликвидност – способност на компанијата навремено да ги подмирува достасаните обврски на краток рок.

Лиценца – право на искористување на предметот на лиценцирање во текот на одреден временски период. До лиценца се доаѓа доколку носителот на правото одлучи со посебен договор во целост или делумно да го пренесе правото на употреба на предметот на лиценца на друг сопственик.

Ломбардна стапка – каматна стапка што ја објавува централната банка, а по којашто е подготвена да одобри кредити на деловните банки со залог на одредени хартии од вредност.

Љ

М

Мандат – налог, наредба или овластување за извршување на одредени задачи или функција.

Маржа – разлика меѓу набавната и продажната цена на одреден производ. Во пракса може да се сретне и како разлика во цени.

Маркетинг – процес составен од голем број фази и активности во насока на приближување на производот или услугата со крајниот потрошувач.

Менаџер – лице на раководна функција во одреден дел во компанијата што ги извршува основните менаџерски функции: планирање, организирање, управување и контрола.

Меница – безусловна наредба којашто ја дава издавачот (трасантот) на лицето што ја врши исплатата по меницата (трасатот) да се исплати одреден паричен износ на физичкото или правното лице (ремитент).

Мобинг – сите видови на малтретирање на работно место.

Мораториум – одложување на плаќањето на заостанатите, а достасани обврски.

Н

Налог – наредба за извршување на одредена активност или службена задача.

Неликвидност – неспособност или неможност компанијата навремено да ги исплаќа обврските во достасаниот период.

Нематеријална штета – нанесување на физичка, психичка болка или страв на друго лице.

Несолвентност – неликвидност на компанијата на долг рок.

Нето добивка/загуба – позитивен или негативен финансиски резултат што му останува на претпријатието по плаќање на данок на добивка.

Њ

О

Обврзница – должничка хартија од вредност, со којашто се потврдува дека имателот (купувачот) му исплатил на должникот (издавачот) определен износ на пари, како противвредност за обврзницата и дека должникот ќе му го исплати позајмениот износ на доверителот заедно со утврдената камата во точно определен временски период.

Обртен капитал – дел од имотот на компанијата што е лесно достапен. Најчест облик на обртен или тековен капитал се парите во банка што можат да се повлечат во било кое време, за разлика од парите вложени во акции, обврзници или во форма на орочени депозити.

Олигопол – пазар на којшто има мал број на производители коишто нудат исти или слични производи и услуги.

Оперативен буџет – преглед на сите предвидени приходи и трошоци во текот на периодот што следи.

Орочен депозит – износ на средства од коишто депонентот се откажува на одреден временски период и ги отстапува на банката на користење.

Осигурување – облик на управување со ризиците, најмногу насочен кон намалување на финансиската загуба. Претставува пренос на ризикот од осигуреникот на осигурителната компанија, со плаќање на одредена премија на осигурувањето.

Отпис на долг – доверителот се откажува од износот на средства што му ги должи другата страна (должникот) и нема да бара исполнување на истиот.

Outsourcing – терминот значи користење на надворешни извори (ресурси или фактори) во работењето. Тоа се случува кога компанијата е во развоен стадиум и има потреба од “издвојување на споредни дејности“ од оние коишто се клучни или поважни, за коишто може да се најде изведувач или извршувач на услугата надвор од самата компанија.

Офшор компанија – компанија основана во друга земја поради даночни и други погодности.

П

Пазарна капитализација – производ на пазарната цена на акциите по вкупниот број на емитувани хартии од вредност.

Пасива – дел од билансот на успех на компанијата што ги опфаќа обврските (краткорочни и долгорочни) и сопствениот капитал.

Пенал – казна што се плаќа при неисполнување на договорените обврски.

Перење пари – претворање на таканаречени “нечисти“ пари или друг вид на имот стекнат на криминален начин во “чисти“ пари, коишто можат да се користат како легален приход во банкарски, трговски, инвестициски и претприемачки работи.

Печат – со него се означува и заверува веродостојноста, односно автентичноста на одреден документ.

Пин – личен број за идентификација, најчесто составен од четири симболи.

Писмо на намери – најмногу се користи во меѓународната деловна пракса и не претставува посебен “преддоговорен“ облик на разбирање на двете страни. Овој вид на договор нема правно дејство или исполнување на обврски од договорот.

Побарувачка – одредена количина на производи или услуги што едно лице сака и е способно да ја плати до определен временски период.

Пондерирање – постапка преку којашто се дава соодветна важност на одредени величини при пресметка на средна просечна вредност.

Понуда – количина на производи или услуги што компаниите сакаат и се способни да ја произведат и продадат за определен временски период.

Портфолио – претставува збир на сите репрезентативни и најдобри квалификации и особини што се врзуваат за некој поединец, здружение и компанија.

Потпис – важен елемент со којшто се изразува согласност за содржината на документот на којшто се става потписот.

Потрошувачки кредит – краткорочен кредит што најчесто се користи за финансирање на потребите на просечно семејство.

Преземање – консолидирање на две различни компании во една, по што една од нив згаснува, и продолжуваат да функционираат како единствена фирма.

Претприемач – поединец кој создава вредност и во тој процес презема ризици, инвестира ресурси за да создаде производ или услуга од коишто пазарот има потреба.

Претприемништво – дејност насочена кон почнување на бизнис, организирање и внесување иновации со цел создавање на производ или услуга, преку чија продажба ќе се оствари добивка.

Претпријатие – основен правен субјект којшто се основа заради остварување на профит.

Признаница – писмена изјава на доверителот со којашто потврдува дека се извршени договорените услови.

Принос – приход што се генерира од сопственост на имот, хартии од вредност и слично.

Провизија – надомест што посредникот ја наплаќа за извршената услуга. Најчесто се изразува како процент од вредноста на извршената трансакција, а може да биде и во фиксен износ.

Профит – вишокот на финансии што го генерира компанијата откако ќе се сумираат остварените приходи со направените одливи на финансии во одреден временски период.

Профитабилност – збир на показатели на успешност на компанијата, коишто го споредуваат финансискиот резултат со вложените пари, продажбата и исплатата на дивиденда.

Р

Расход – го прикажува одливот на пари од компанијата поради исплата на достасани обврски.

Ревалвација – зголемување на вредноста на домашната валута во однос на странските валути.

Регрес – право на поврат на исплата на пари врз основа на некој правен однос.

Резидент – физичко лице со постојан престој во државата или правно лице регистрирано во домицилната држава.

Рекапитализација – доброволно преобликување на сопственичката главнина на компанијата.

Ремитент – лицето кое во меницата е означено како прв корисник, односно лицето на кое се врши исплатата по основ на меницата.

Репарација – повторно воспоставување на одреден однос или обновување на процеси во компанијата.

Репрограмирање – договор меѓу кредиторот и должникот според кој се изработува нов план за отплата на долгови.

Реструктуирање – реорганизација на финансиската структура и структурата на капитал на компанијата.

Рецесија – пад на вредноста на бруто домашниот производ на земјата во текот на два последователни квартала.

Ризичен капитал – пари што се вложуваат за поддршка на ризични комерцијални бизниси (вообичаено во подрачјето на високата технологија).

Ројалти (Royalty) – надоместок за искористување на правото од страна на корисникот на лиценца.

С

Сегментација на пазар – поделба на пазарот во однос на групи на потрошувачи коишто имаат заеднички карактеристики, слични барања и потреби.

Семеен буџет – буџетот по дефиниција претставува табеларен преглед на сите приливи и одливи, односно приходи и расходи во одреден временски период. Како за државата, компаниите, институциите… така и за едно семејство е важно да има семеен буџет, како детален преглед на приливот и одливот на финансии.

Слип – пишан документ во скратен облик со којшто се утврдува кои ризици се покриени со осигурувањето.

Солвентност – способност за исплаќање на достасаните обврски на долг рок.

Спин – оф компанија – субсидијарна компанија, односно посебен облик на компанија, којашто е веќе основана и со нејзе била поврзана некоја друга организација. Тоа е независна компанија која произведува сличен производ или услуга како и нејзиниот претходник.

Спојување – консолидирање на две различни компании во една.

Стагфлација – значителен пораст на цените, а во исто време и зголемување на невработеноста во земјата.

Станбен кредит – овој кредит е долгорочен кредит со точно утврдена намена – купување, изградба, опремување или адаптирање на просторот за живеење.

Стечај – судска постапка за ликвидирање или реорганизирање на компанија што се соочува со несолвентност (неликвидност на долг рок).

Стимулација – мерка чија цел е унапредување на дејноста, со одобрување на евтини кредити, намалување на даноците и други видови на олеснувања.

Стрес – тест анализа – алатка со којашто може да се оцени отпорноста на одредена финансиска институција или целокупниот финансиски систем, под претпоставка да се остварат одредени непосакувани настани или сценарија.

Субвенција – финансиска помош којашто државата им ја одобрува на компании, земјоделци и слично за точно утврдена намена.

Суброгација – реална суброгација е во случај кога должникот наместо претходно договорената обврска, извршува друга обврска. Персоналната суброгација постои кога трето лице ја изврши обврската на должникот наместо него.

SWOT анализа – стратегиска анализа којашто ги анализира слабите и силните страни на компанијата, како и можностите и опасностите со коишто би можела да се соочи компанијата од надворешното окружување.

Т

Тарифа – официјално утврдена цена на одредена услуга, којашто е прифатена на меѓународно ниво.

Тендер – понуда на јавно наддавање којашто се поднесува во точно пропишана форма, на основа на јавно објавен оглас.

Трансакција – двонасочна размена на вредности помеѓу две или повеќе страни. Секоја трансакција се реализира според однапред дефинирани услови, време и место што им одговара на двете договорни страни.

Трасант – лицето што ја издава меницата.

Трезор – сеф или посебно обезбедена просторија во банките во којашто се чуваат пари, хартии од вредност, накит, злато и други вредни предмети.

Трошок – издатоци изразени во пари коишто се направени за производство или продажба на производите или услугите што се нудат на пазарот.

Труст – облик на монополистичко здружување во кое компаниите договорно ги прифаќаат одговорностите на двете страни.

Ќ

У

Ф

Факторинг – продажба на краткорочни недоспеани побарувања на факторот (финансиска институција што ја нуди услугата) за одреден дисконт, а добиените средства се користат за финансирање на останатите деловни активности.

Фактура – деловен документ што го издава продавачот на одредено добро или услуга.

Фидуција – договор во којшто едната страна го пренесува правото на друго лице и постигнуваат согласност исполнетата обврска во целост да се пренесе на првото лице.

Физичко лице – личност како субјект на правото.

Филијала – компанија чиј капитал во номинална вредност над 50% е во сопственост на друга компанија.

Фискална година – период во којшто се планираат и пресметуваат приходите и расходите на државата.

Флуктуација – менување на економските појави, односи и процеси.

Франшиза – форма на соработка меѓу продавачот на франшизата (франшизер) и корисникот на истата (франшизист). Франшизерот го нуди својот бренд и таканаречениот know – how, а за возврат наплаќа одреден надмест од давањето на франшизата, додека франшизистот на тој начин стекнува право и можност да го применува тој деловен модел.

Фундирање – процес на конверзија на краткорочни во долгорочни обврски.

Х

Хартии од вредност – писмен документ којшто е доказ за сопственост на одредена акција или обврзница.

Ц

Царина – износ на пари што државата го наплаќа од сопствениците на стока при премин на граница. Најчесто се наплаќа при увоз на стоки.

Цена – во пари изразена вредност на одреден производ или услуга. Цената се формира под дејство на понудата и побарувачката на пазарот.

Цесија – Цесија претставува договор за отстапување на одредено побарување од еден на друг доверител, при што на должникот му останува обврската да ја исплати кон новиот доверител.

Црн фонд – паричен фонд за тајни плаќања и мито на лицата за некоја тајна активност или нелегални услуги.

Ч

Чек – писмена исправа со којашто издавачот ѝ дава на банката безусловна наредба за исплата на одредена сума на пари.

Џ

Ш