natalija1Наталија Пекиќ, професор на Економскиот факултет во Осиек и консултант

М-р Наталија Пекиќ е професор на Економскиот факултет во Осиек, Хрватска и е консултант во многу семејни компании. Предава Семејно претприемништво и Менаџмент на семејни компании и е дел од тимот кој уште од 2011 година го организира Бизнис форумот “Семејните компании – столб на економијата” на балканските простори. Таа ќе биде говорник на втората македонска конференција под наслов Предизвици на транзицијата на семејните бизниси, што ќе се одржи на 29 јуни 2016 од 09 до 17 часот во М6 Едукативниот центар, во организација на ClearView бизнис тренинг центарот.

БИ: Која е тајната за успешен семеен бизнис?

Да се биде претприемач значи да се живее неколку години на начин на кој никој не сака, за да може да се помине остатокот од животот на начин на кој повеќето не можат, а да се има успешна семејна компанија значи да се работи 80 часа неделно за себе, наместо 40 за некој друг. Барем на почетокот сигурно е така.

БИ: Со какви предизвици се соочуваат семејните бизниси, кои се предностите, а кои недостатоците на водење семеен бизнис?

Секоја приказна во животот има две страни и понекогаш не се битни околностите, туку материјалот од кој сте “направени”. Работењето во семеен бизнис понекогаш е многу тешко, стресно, работите повеќе од што е вообичаено, се грижите истовремено и за работата и за семејството, важно ви е да управувате со конфликтите кои се скоро константни кога работите со членови од семејството, имате проблем како да отпуштите член на семејството затоа што со тоа неминовно “ги кинете” односите со тој дел од семејството, огромен страв од неуспех поради тоа што во прашање се семејниот имот и благосостојба итн. Од друга страна работите во опкружување кое безусловно ве поддржува, имате големо меѓусебно разбирање и доверба, огромна предност, долгорочно размислување и планирање и во некоја нова генерација што доаѓа, ги препознавате наследните особини што ги комбинирате со нови знаења и вештини. Не е за секој, но оној кој ќе се снајде, навистина искрено ужива.

БИ: Колку семејните бизниси се флексибилни на барањата на пазарот и дали се снаоѓаат во услови на криза?

Ние најчесто сме припадници на мало и средно претприемништво, што значи дека хиерархијата ни е поплитка, дека имаме хоризонтален тек на информации, дека сме пофлексибилни и побрзи во донесувањето одлуки, дека двојната улога на сопственик и менаџер е голема помош во спроведувањето на тие одлуки. Ваквата организациска структура ни овозможува да се фокусираме на тесно специјализирани ниши, што е проблем за големите компании. Во економија на вишок, богатствата се кријат во тесно специјализирани ниши. Имаме подобри и поквалитетни односи со нашите купувачи и добавувачи, финансиски посуптилни договори, се грижиме за своите вработени, долгорочно размислуваме и сето тоа, секако со уште низа други квалитети, нè доведе до тоа семејната фирма да стане посакуван бизнис модел. Во услови на стабилно бизнис опкружување, одредени наши однесувања се интерпретирани како застарени и конзервативни, но економската криза покажа дека стапката на преживување на семејни фирми е значително повисока отколку несемејните и скоро преку 70% од нив, од 2011 до 2015 евидентирале раст. Според овие податоци изгледа дека се снаоѓаме во кризни моменти.

natalija2

БИ: Како мал семеен бизнис може да прерасне во успешна и профитабилна компанија на долг рок?

Вие како претприемач не мора да бидете иноватор. Луѓето често мислат дека мораат да имаат бизнис идеја каква што никој досега не смислил. Не е точно, можете да отворите 1.623 фризерски салони во својот град, но мора да има иновативен пристап кон работата, клиентите, купувачите, добавувачите, заедницата, мора да покажете почит кон сите, а не само кон оние што сакате да ги импресионирате. Првите неколку години (конкретно од пет до седум години) ги нарекуваме фаза на зреење на лимонот и тоа е период во кој созрева и нуклеусот на вашата компанија – вашата претприемничка и организациска култура. Таа ќе ве опише и пазарно ќе ве претстави, таа ќе влијае на архитектурата на вашиот бренд. Доколку така се однесувате кон својот бизнис, тој ќе расте и ќе се развива, а потоа со време ќе ви требаат професионалци кои ќе ги надополнат вашите знаења, она што ви недостасува, и ќе ви помогнат тој раст да го задржите и одржите.

БИ: Колку семејните односи се пресудни за (не)успехот на семејните бизниси?

Неизмерно. Оваа варијабла дури е и изведена и именувана, се вика Family Buisiness Interaction. Настанала како последица на мерење на влијанието на односите внатре во семејниот, деловниот и сопственички потсистем на резултатите на работењето (така преку модел се прикажува семејната фирма, како систем што настанува со преклопување на три потсистеми – семејство, бизнис и сопственост) и многу едноставно зборува за тоа дека колку односите во едно семејство се поздрави, попозитивни, поотворени, колку е комуникацијата поефикасна, колку се односите поправедни и пореални, толку деловниот резултат на семејниот бизнис е подобар, значи јасна и позитивна корелација. Голем број примери на пазарот го потврдуваат ова тврдење – семејства што имаат здрави и праведни односи, каде што се негува културата на разговор, решавање на конфликти без сила на авторитет, каде во воспитувањето и растењето на децата се пристапува реално и со очекувања, каде што се негува вредноста на парите, како и начинот на кој се доаѓа до нив (овде мислам преку работа), имаат одлични семејни фирми, успешни, цврсти и стабилни. Семејствата коишто за жал немаат решени семејни односи, имаат “скелети по шкафовите”, не успеаја тоа да го сокријат ниту во бизнисот и многу брзо го инфицираа со ваквиот однос. Работиш како што живееш – едноставно, зарем не? 🙂

БИ: Дали семејните бизниси имаат полесен или отежнат пристап до финансии?

Голем број семејни фирми се стартувани со семеен капитал. Тоа многу често го обликува нашиот однос кон ризикот, инвестицијата и растот и развој. Често нè претставуваат како конзервативни токму поради отпорот кон надворешно задолжување, односно кон кредити. Причина за тоа е што доколку сопственикот подигне кредит, има чувство дека ја губи контролата над сопствената фирма, а и во ризик го вклучува целото семејство. На пазарот постојат финансиски институции, кои, ќе бидам искрена и ќе одговорам на прашањето како претприемач, всушност само декларативно ги поддржуваат претприемачите – тоа веројатно им се допаѓа како пропагандна порака. Сè додека не дојдете во позиција реално да ви треба кредит, тогаш сè станува проблем – и тоа што сте претприемач почетник или не сте, и гранката, индустријата во која се наоѓате, и вашите купувачи и добавувачи, и тоа што немате точно одреден број на крвни зрнца или немате куќичка за песот, а ним токму тоа им треба, апсолутно сè. Морате да имате историја на добра и гарантирана стапка на раст и развој, а потоа повторливо заложно право во вид на хипотека, најчесто на сопствен имот. Од тој аспект, да, имаме проблем на ваков начин да дојдеме до капитал, вклучувајќи го и фактот дека нашите национални влади не нè препознаваат, не ни помагаат и не ни даваат важност и покрај тоа што ги полниме буџетите со преку 50%. Во развиените економии во Европа, каде семејниот бизнис е традиција и е препознатлив, да се биде семејна фирма за секој банкар е бенефит и ви дава предност во банкарскиот рејтинг. За жал, кај нас ова сè уште не е пракса, но претприемачите се снаоѓаат на претприемачки начини – преку партнерства, заеднички инвестиции и слични финансиски аранжмани.

email