kolumna

Фото: Pixabay

Веројатно некогаш сте се замислиле околу ова прашање или сте се нашле во ситуација да кажете некому „значи ти си роден за продавач!”.

Дали може продавачот да се роди како таков или, пак, тој се создава со текот на времето?

Верувам дека дел од вас си одговоривте дека се раѓа, дел дека се создава, а поголемиот дел (ова го кажувам од искуство работејќи со многу продажни тимови) верувате дека мора да е комбинација. Во секој случај, мојот став е дека никој не се раѓа како продавач, музичар, актер, инженер, научник или што било друго. Секој од нас може, ако сака и ако работи, да стане она што си замислил и го посакувал.

Основата на одговорот лежи во „ако сака” и „ако работи”. Ако нешто не сакате да го направите, јас ви гарантирам дека нема ни да го направите. Или како што вели Хенри Форд, „сè што мислиш дека можеш или не можеш, во право си”. А во однос на работата, тоа значи борба, натпревар со себе си. Најтешката борба што може да ја имате. Јас се шегувам и велам, Тајсон ќе го тепаме ако треба, ама сами себе е потешко.

Што е тоа што нè буни сите да помислиме дека некој е роден за нешто? Тоа се нашите преференции, генетика и опкружувањето во кое се раѓаме и се развиваме. Да, сите ние имаме определени преференции (како што се и зодијачките знаци) кои претставуваат некаква основа што нè прави повеќе или помалку способни за некоја работа. Меѓутоа, многу поголемо влијание има опкружувањето и околината каде што растеме. Огромно влијание имаат нашите родители, фамилија, наставничка, системот, пријателите и сè друго околу нас, што нè прави она што сме (и каде сме) во моментот.

Ако ја прифатиме теоријата, која датира уште од древните времиња на кинеската и индиската филозофија, поддржана од Аристотел и Платон, а во денешно време претставена преку Роџер Хамилтон, дека сите ние се раѓаме како 4 типа на генијалци (Динамо, Оган, Темпо и Железо), тогаш може да кажеме дека сите ние се раѓаме поседувајќи ги основните карактеристики што ги поседува еден продавач или кој било профил на професионалец. Некои од карактеристиките на еден продавач се: верба во себе, човек од акција, доверба, креативност, духовитост, одлучност, оптимизам, самомотивираност, активен слушател итн. Сите од горенаведените карактеристики ние ги поседуваме. Работата е што сме ги потиснале длабоко во нас. И во зависност од опкружувањето и околината, каде што сме растеле, тие се помалку или повеќе изразени.

Дали знаете кои се најкреативните луѓе на планетава Земја!?

Децата! Ако сите ние сме биле деца, тогаш како е можно некој за себе да кажува дека не е креативен или дека не го бива за некоја работа? Сето тоа се ментални бариери што си ги поставуваме самите и се лимитираме во искористување на нашиот целосен потенцијал. Креативност се учи, духовитоста се учи, харизмата* се учи. Сé се учи.

Единствената работа што нè оддалечува од она што го можеме вистински е работата/имплементацијата. Тоа е кралицата. Дали ќе бидеме успешни во продажбата или не, зависи од тоа колку вежбаме, работиме и се трудиме. Ако седиме и само се жалиме и плачеме, нормално е дека нема да имаме голем успех во тоа што го работиме.

Во психоанализата „не можам“, е еднакво на „не сакам“. Зошто некоја работа не можете да ја направите, треба да размислите, зошто не сакате да ја направите. Мојата цел не е да ве уверам дека ова што го напишав е точно. Дали се согласувате или не, тоа е до вас. Мене целта ми е само да ве мотивирам да ги тргнете менталните бариери што ги ставате самите и кои ве оттргнуваат од искористување на вашиот целосен потенцијал.

Ние ја поседуваме моќта да го промениме нашиот карактер, да го промениме нашиот зодијачки знак и да бидеме тоа што ќе посакаме. Од тоа не дели само напорната работа.

* Направете листа на карактеристики на харизматична личност. Видете што е тоа што ја прави една личност харизматична. Само работете на тие карактеристики!

Ако имате прашање за Петар Лазаров, можете да го поставите на Бизнис советник.

email