ambicii

Фото: Pixabay

Често слушаме за некој дека е многу амбициозен, на пример, амбициозен вработен, амбициозен менаџер, амбициозен студент… Неодамна добив ваков коментар од еден пријател, а тоа ме наведе да размислувам, што всушност значи да си амбициозен, дали е добра особина или не, и што треба да направиме во врска со тоа?

Постојат различни дефиниции за амбициозноста, но најчесто се дефинира како силна желба да се постигне нешто и да се успее во остварување на некоја цел. Освен силната желба, вклучува и мотивација, да се издржи во реализација на целта и упорност и решителност да не се откажеме при првата пречка или неуспех. Причините за амбициозност се различни и од една страна произлегуваат од она што се фокусираме да го постигнеме, од очекувањата за себе, од фрустрацијата за немање храброст да преземеме поголеми чекори во остварување на некоја цел и слично, а од друга страна, може да произлезат и како резултат на сомнежите на другите кон нас и нашите способности.

Без оглед дали амбициозноста се однесува на некоја цел поврзана со работата, пријателите или семејството, во продолжение ви презентирам кога амбициозноста како особина може да влијае позитивно на вас, а кога да биде проблематична.

Амбициозноста влијае позитивно на вас кога:

  • Ги следите вашите вредности и уверувања. Не сите ја имаат амбицијата и страста која вас ве мотивира да одите напред. Целта што сакате да ја остварите треба да биде ваша, и ако вие имате страст да креирате, да им помагате на другите, да направите разлика, тогаш бидете амбициозни и направете го тоа.
  • Ве охрабрува да направите нешто подобро за себе и за другите. Понекогаш, другите не ве поддржуваат само затоа што не ве разбираат. Во ред е некој да ви каже да „забавите“, но сепак, бидете сигурни во тоа што сакате да го постигнете и како тоа ќе се рефлектира на вас и на другите.
  • Ве иницира да преземете ризик, а при тоа да не се разочарате од неуспехот. Ако амбициозноста ви помага во пронаоѓање на различни решенија, соочување со моменталниот страв и несигурноста, тогаш бидете амбициозни.
  • Важен е вашиот развој, а не споредбата со други луѓе. Амбицијата треба да биде иницијатор да бидете подобри од тоа што сте моментално, а не да бидете подобри од другите. Не е поентата да ги копирате другите за да постигнете нешто, туку да ја следите својата природна амбициозност и ентузијазам коишто ги имате.
  • Талентот не е пресуден за да успеете. Честопати силната желба, мотивација и упорност за да постигнете нешто се многу поважани од тоа колку сте талентирани да го направите тоа. Резултатот е важен, но понекогаш многу поважно е што ќе научите во процесот на остварување на целта отколку самата цел.

Aмбициозноста може да биде проблематична за вас кога:

  • Нереално поставувате цели. Убаво е да очекувате големи работи за себе, но тие секогаш треба да бидат реални за да не трошите залудно време на нешто што можеби и нема да ви биде толку важно во иднина. Секој потсвесно има цели коишто сака да ги реализира, но многу често недостасува таа голема слика и ентузијазам за да го остварат тоа и потоа брзо се разочаруваат.
  • Буквално „газите“ преку другите луѓе, а сè со цел да ги остварите своите цели. Вашиот успех никогаш не треба да биде за сметка на нарушување на односите со другите луѓе и да не ви е грижа за нивните потреби и чувства. Целта не секогаш ги оправдува средствата.
  • Ќе помине во форма на опсесија или алчност. Понекогаш превисоко поставените цели и успехот на другите нè прави себични и дефокусира од она што навистина сакаме да го направиме и ни е потребно.
  • Запоставувате важни работи во вашиот живот. Ако амбициозноста, на пример, за некој проект континуирано ве спречува да бидете со вашите најблиски или со текот на времето се соочувате со многу здравствени проблеми, тогаш е време да ги преиспитате вашите приоритети и дали треба толку да сте амбициозни.
  • Постојано сте во некој неред, хаос и преземате премногу одговорности во исто време. Ако постојано пропуштате рокови, а вината ја пренесувате на други, со цел да направите повеќе работи истовремено само за да ги воодушевите другите, тогаш би требало малку да размислите околу вашата амбициозност.

Мала е границата помеѓу тоа која амбициозност е позитивна, а која може да ви направи проблем. За да имате „здрава“ амбициозност, предлагам од време на време да си ги поставувате овие прашања: Дали оваа амбиција е одраз на моите вистински вредноста или некој ми ја има наметнато? Што се обидувам да постигнам преку оваа цел и зошто ми е толку важна? Дали во остварување на целта повредувам некого и како тоа ќе се одрази на останатите? Што ќе се случи ако ја остарам целта, а што доколку не ја остварам? Кој е следниот чекор кога ќе ја остварам/не ја остварам целта?

Со успех во промените.

email