avion-pixabay

Фото: Pixabay

Нискобуџетната авиокомпанија Wizz Air од ноември ќе воспостави директна авионска линија од Охрид до Виена, јавува Миа.

Од компанијата ТАВ Македонија, што управува со аеродромите во Скопје и во Охрид, појаснија дека Wizz Air на дестинација Охрид – Виена ќе оперира три пати седмично односно секој вторник, четврток и недела, по стартна цена на авио билетите од 19,99 евра.

Сорина Рац, менаџер за корпоративни комуникации на Wizz Air по повод новата авионска линија за Виена изјави дека компанијата постојано работи на проширување на својата мрежа и кон обезбедување на многу поприфатливи можности за патување.

“Денеска ја најавуваме долгоочекуваната авиолинија до Виена од Охрид, којашто ќе почне да сообраќа на 15-ти ноември 2018 година и ќе биде одлична дестинација за одмор за нашите патници. Нашиот посветен тим со нетрпение очекува да им посака добредојде на новите и на постојните патници на која било од дестинациите што се достапни од Охрид“, вели таа.

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој изрази задоволство што Виена ќе биде четвртата по ред авиолинија од Охрид што ќе сообраќа во текот на целата година, по Цирих, Базел и Лондон.

“Заедно со трите нови сезонски дестинации, најавени дека ќе се воведат во текот на претстојната летна сезона, сигурни сме дека ќе придонесе за значаен пораст на авиосообраќајот на охридскиот аеродром во текот на 2018 година“, изјави тој.

Wizz Air оваа година за патниците од Македонија нуди вкупно 30 авиолинии во 14 држави, што се очекува да придонесе за зголемување на дојдовниот и појдовниот туризам, како и за унапредување на бизнис врските меѓу државите.