sredba-feit_francuska-ambasada

Франција е отворена за соработка со Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).  На денешната средба што се одржа помеѓу Францускиот амбасадор во Република Македонија, Кристијан Тимоние, и деканот на факултетот, Димитар Ташковски, заедно со продеканите,  во просториите на ФЕИТ, амбасадорот се запозна со тековните наставни, научни и апликативни активности на Факултетот.

На средбата деканот ги презентираше новите и иновирани студиски програми на ФЕИТ, коишто се акредитирани од учебната 2017/2018-та година. На амбасадорот, освен студиските програми, му беа претставени и меѓународните проекти на Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Посебен акцент беше ставен на соработката со француските Универзитети и компании од областа на електротехниката и информациските технологии. На денешната средба се презентираше и се дискутираше за концептот на Центар за трансфер на технологии и иновации – INNOFEIT со којшто Факултетот очекува да прерасне во центар за извонредност во областа на ИКТ сервиси за новите мрежни инфраструктури.

Францускиот Амбасадор во РМ, Кристијан Тимоние, изрази отворена поддршка за сите активности на факултетот. Тој ги презентираше можностите коишто Француската амбасада во Скопје ги нуди за студентите на ФЕИТ, но не го изостави и академскиот кадар.

На средбата се дискутираше за можностите асистентите од ФЕИТ да престојуваат на некој од француските универзитети, а се потенцираше и постоењето на стипендиите коишто им стојат на располагање на студентите.