vasko-mitevВаско Митев, директор на Илирика инвестментс

На сите пазари каде што Илирика е присутна, како високо – стручна финансиска институција обезбедува лична, ефикасна и комплетна услуга што ги исполнува барањата на дури и најпребирливите клиенти. Со стручноста, знаење и богатото искуство на директорот на Илирика инвестментс, Васко Митев, на инвеститорите им се овозможува чесно, сигурно и промислено управување со имот. При тоа, тимот на Илирика секогаш е флексибилен и подготвен за реакција. За повеќе околу тоа разговаравме со Васко Митев.

БИ: Како директор на брокерската куќа Илирика инвестментс сте во сржта на нејзиниот развој. Преку кои методи успеавте во развојот во последните 10 години?

Патот на постигнувањето на успехот на Илирика не беше лесен. Во изминатите 10 години бевме соочени со турбулентен период на пазарот на капитал, меѓутоа лично бев инспириран од предизвикот да се успее во кризен период. Прва цел при моето доаѓање во Илирика беше да се зголеми базата на клиенти, во што и успеавме во краток период да привлечеме голем број на домашни и странски клиенти. Тоа го постигнавме пред сѐ со стручни совети и постојано анимирање на клиентите за состојбите на берзата.

БИ: Илирика во регионот го одбележува својот 25-годишен јубилеј. Како Илирика стана дел од македонскиот пазар на капитал?

Илирика како препознатлив бренд на пазарот на капитал во Словенија, во 2005 година донесе одлука да го прошири своето делување и во Македонија. Тоа беше период на развојот на македонската берза кога бројот на брокерски куќи од 10 порасна на 25. Искуството и принципите на работа допринесоа Илирика да се етаблира како една од водечките брокерски куќи во Македонија. Денес, Илирика е значаен играч на Македонската берза со преку 5.000 клиенти и лидер во вкупниот промет со учество од преку 30%.

БИ: Како се вклучивте во оваа сфера на работа и што е тоа што Ве води кон успех Вас лично?

Моето искуство почнав да го стекнувам како брокер во одделението за работа со хартии од вредност во Комерцијална Банка во 2004 година. Тоа беше “златниот период” на берзата кога помеѓу луѓето беше главна тема во кои акции инвестирале и колкава добивка направиле. Се сеќавам дека телефоните постојано контактираа, а просечно дневно се примаа и до 500 налози. Брокерското работење е динамична работа и носи големи заработувачки, но и ризици, па затоа потребно е пред да се одлучите да вложувате прво да се консултирате со вашиот брокер или инвестициски советник.

10-godini-ilirika

БИ: Кои се клучните методи и како успевате како директор да се снајдете со секојдневните обврски и предизвици?

Најзначајно во мојата е работа да се стекне доверба кај клиентите. Голем број од инвеститорите во овој 10-годишен период изгубија дел од вредноста на своите портфолија и тоа ги направи осетливи спрема ризикот. Вложувањето во акции во теоријата е долгорочна инвестиција, значи приносите треба да се очекуваат во рок од минимално една година, но повторувам дека претходно треба да се направи анализа на компанијата во којашто се вложува како и тајмингот за инвестирање.

Ние во Илирика Инвестментс преку постојани контакти со нашите клиенти ги информираме за сите пазарно чувствителни информации коишто би можеле да влијаат на нивните инвестициски одлуки. Доколку ја видите статистиката на Македонската берза ќе воочите дека главни инвеститори со преку 80% се домашни правни и физички лица. Ќе сретнете луѓе од различни професии кои ги инвестираат своите заштеди во акции, а кои немаат доволно време да се посветат на својата инвестиција, па поради тоа сметам дека ние сме тие кои секојдневно треба да ги информираме за состојбата на пазарот на капитал.

БИ: Кој е Вашиот клучен совет за лицата кои сакаат да се вклучат во работењето со хартии од вредност?

Во економски услови на ниски, па дури и негативни каматни стапки на регионално ниво и во светски рамки каде пасивните каматни стапки на депозити во банките во Македонија не надминуваат 2% годишно, пазарот на капитал и хартиите од вредност се одлична алтернатива за штедење и инвестирање на средствата на граѓаните. Ќе ви посочам еден статистички податок којшто вели дека граѓаните на Германија 90% од своите заштеди и средства ги вложуваат на берза и инвестициски продукти, а само 10% ги инвестираат во депозити во банките. Секако, прво се консултираат со овластените брокери и инвестициски советници околу одлуката за инвестирање. Друг податок вели дека историски најголемите милијардери во светот најголемиот дел од своето богатство го заработиле вложувајќи на берзата и пазарите на капитал. Така да врз основа на овие податоци можам да ги охрабрам граѓаните да инвестираат во хартии од вредност, но секако за тоа да се консултираат и да добијат стручна анализа и помош од овластените брокери и инвестициски советници.

БИ: Кои се Вашите планови за идните 10 години и што мислите за состојбата на пазарот во моментот?

Од моментот кога почнав да ја работам оваа работа до денес, верував дека вложувањето во хартии од вредност порано или подоцна се исплаќа. Сметам дека берзата е место каде секој кој има слободни средства треба дел да вложи во акции, но сепак најважно е да се направи добра диверзификација со цел да се намали ризикот на инвестицијата. Ме радува фактот дека во последната година голем дел од инвеститорите го свртеа интересот кон Македонската берза. Индексот МБИ 10 порасна за 40%, а некои акции забележаа раст и до 100%. Благодарејќи на политиката на компаниите дел од добивките да ги распределат за дивиденди од една страна како и ниските каматни стапки од друга страна имаше влијание на привлекување на нови инвеститори.

Во наредниот период следејќи ги модерните трендови, планираме да воведеме новитети со цел на нашите клиенти да им го направиме подостапно тргувањето со хартии од вредност. Од пред година дена преку Илирика Инвестментс клиентите може да даваат куповни и продажни налози од дома или од работа преку својот компјутер преку Е – брокер апликацијата. Со тоа им стануваат поблиски секојдневните случувања на Македонската берза. Исто така, планираме изготвување на мобилна апликација преку којашто нашите клиенти ќе можат во секое време да извршат увид на своето портфолио.

email