Фото: Pixabay

Во самата природа на човекот е да сонува за сопствен бизнис и да размислува подобар живот. Но, идеите како што доаѓаат така и си одат. Ваше е да ги реализирате дури некој друг не се сетил на истото. Ете, да кажеме, ја имате бизнис идејата во глава. Прашањето сега е што понатаму?

Дефинирајте ги производите и/или услугите

Имате бизнис идеја што опфаќа некој вид на производ и/или услуга за вашиот иден или пак сегашен бизнис. Следното е прецизно и јасно да ги дефинирате тие производи и/или услуги. Еве некои прашања на кои вие како претприемач ќе треба да дадете одговор:

  • Каков производ или услуга ќе понудам?
  • Кои ќе бидат карактеристиките на тој производ или услуга?
  • Кои ќе бидат поволностите за потенцијалните корисници на тој производ или услуга?
  • Кои ќе бидат дополнителни услуги понудени со тој производ или услуга?

Дефинирајте го пазарот

Веќе имате бизнис идеја, го имате прецизно дефинирано производот или услугата што ќе ги понудите на пазарот. Следното е јасно, прецизно и недвосмислено да го дефинирате пазарот на којшто ќе ги понудите тие производи. Еве некои прашања на коишто како претприемач ќе треба да дадете одговор:

  • На кој пазар ќе ги понудите производите или услугите (град, регион, држава, континент…)?
  • Кои ќе бидат корисниците на тие производи или услуги?
  • Кои се карактеристиките на тие корисници на производи или услуги (пол, старост, приходи, националност…)?

Дефинирајте ги конкурентите

Следен важен елемент за секој бизнис по производот или услугата и пазарот се конкурентите. Не ја правите грешката со потценување на истите, бидејќи успешноста на вашиот бизнис во голем дел ќе зависи од нивната успешност. Потребно е прецизно да ги дефинирате сите конкуренти кои се наоѓаат на пазарот што претходно го дефиниравте. Еве некои прашања на кои ќе треба да дадете одговор:

  • Кои се петте најголеми играчи на пазарот во индустријата во којашто се наоѓа вашата бизнис идеја?
  • Што, кога и како нудат тие пет најголеми играчи?
  • Кои се карактеристиките на нивните производи или услуги?
  • Кои поволности ги нудат на пазарот со нивните производи или услуги?
  • Колкава е отпорноста на пазарот од влез на нови конкуренти и колку е тешко тоа да се оствари?

Дефинирајте ги ресурсите

Сега е потребно да ги дефинирате потребните ресурси за вашиот бизнис, за да таа бизнис идеја стане реалност. Ќе треба да ги дефинирате најмалку следниве потребни ресурси:

  • Колкав број на човечки ресурси ќе бидат потребни?
  • Каков интелектуален капитал ќе треба да имаат тие човечки ресурси?
  • Колкави финансиски ресурси ќе бидат потребни?
  • Од каде ќе ги најдете тие финансиски ресурси?
  • Какви материјални ресурси ќе ви бидат потребни?
  • Од каде ќе ги набавите тие материјални ресурси?
  • Какви информациски ресурси ќе ви бидат потребни?
  • Кои ќе бидат изворите на тие информациски ресурси?

Откога ќе ги дефинирате овие бизнис елементи, едноставно прилагодете ги на производот или услугата и пазарот. Дури и кога ќе го стартувате бизнисот, не заборавајте преку овие прашања повремено да проверувате дали сте на вистинската насока, бидејќи во бизнисот секогаш има простор за подобрување.

Извор: Прирачник за самовработување на младите – Оливера Трајковска

email