dobitnici-na-nagradite

На 23-ти и 24-ти ноември, во хотелот Александар Палас во Скопје, се одржа втората конференција на тема ИКТ во Агробизнис, организирана од страна на МАСИТ – Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии, ПроКредит Банка и АгФутура Технологии.

На конференцијата присуствуваа преку 200 учесници, бизнис претставници на агро и ИКТ секторот во Македонија, кои преку предавањата на стручните експерти за иновациски системи во земјоделски стопанства и прецизно земјоделство имаа можност да се запознаат со потенцијалот за зближување на овие две индустрии. Преку презентација на успешни приказни за веќе имплементирани ИКТ решенија, агро претприемачите се запознаа со предностите кои иновативните технологии ги носат за нивните компании, а ИКТ секторот подетално ги согледа потребите на земјоделската индустрија.

Министерката на информатичко општество и администрација, Марта Арсовска – Томовска, напомена дека примената на ИКТ во земјоделството е потреба и неминовност и дека постои потенцијал за развој на оваа дејност. Горан Поповски, претседател на МАСИТ ги повика сите производители да побараат ИКТ решенија коишто ќе им донесат подобри продукти, приноси и ефикасност во производството. Емилија Спировска, член на Управен Одбор во ПроКредит Банка, потенцираше дека ПроКредит активно го поддржува агро секторот во Македонија и инвестициите во паметно земјоделство коишто придонесуваат за попродуктивни производствени процеси, а со тоа и поврат на инвестицијата од три до седум години. ПроКредит е пример за имплементација на иновативни технологии во своите зони 24/7 и е првата банка со 99% автоматизација на готовинските и безготовинските трансакции.

ict

Традиционално, ПроКредит Банка како лидер во финансиска поддршка на агро секторот ги награди најуспешните иновативни компании во Македонија за 2016 год: Кадино Индустри Груп за прва лабораторија во Македонија за испитување на хемиски и физички својства на пченицата и брашното, Антхура МК за единствена компанија во нашата земја којашто користи современи технологии за лабораториско производство на орхидеи, Еуропеан Плантс за уникатен начин на обликување и одгледување на декоративни дрва и растенија и Агрофила за единствен производител на ладно цедено масло коешто е термички и хемиски необработено. Наградените претприемачи се пример за успешна имплементација на иновативни технологии и даваат придонес кон поттикнување и поддршка на развојот на агро бизнисот како една од најпотенцијалните гранки во македонската економија.

Присутните на настанот имаа можност за вмрежување со потенцијални соработници од двете индустрии на сесијата за Б2Б средби, а финансиските институции, вклучувајќи ја и ПроКредит Банка ги претставија можностите кои претприемачите ги имаат на располагање за пристап до финансии за нивните иновативни проекти.

email