Марк Белицки, консултант и советник, The Carlyle Group

Разговаравме со Марк Белицки, меѓународен бизнис консултант, експерт за експанзија и развој на бизниси. Неговото 25-годишно искуство од работа во компании од рангот на PepsiCo, UBS, Citigroup, и др., ќе го сподели со посетителите на семинарот во организација на Американската стопанска комора во Македонија (AmCham Macedonia), што ќе се одржи на 10-ти ноември во Скопје.

БИ: Колку градењето на култура во компанијата е клучна за нејзин долгорочен раст?

Културата на компанијата е исклучително важна за постигнување на високи перформанси на одржливо ниво. Фокусот треба да биде ставен на организацискиот дизајн и на рамката којашто е динамична, ја поттикнува тимската работа, ангажманот на вработените и е усогласена со мисијата, визијата и процесот за избор на соодветен тим, што ја претставува таканаречената лидерска “иднина“ (тимовите и вработени избрани за денес и за утре).

БИ: Што, според Вас, треба да биде фокус за инвестирање во компаниите, дали тоа е развој на човечкиот капитал или технолошките иновации?

Јас секогаш почнувам со човечкиот капитал. Вистинските луѓе со вистинска интелектуална способност, вештини за решавање на проблеми, интуиција, усогласени со визијата и мисијата на компанијата во комбинација со зајакната и одговорна работна средина може да создадат неверојатни резултати. Клучната област што треба да биде во фокус на извршниот директор е тимот, којшто подоцна ќе може да ја искористи соодветната технологија и иновации за да ја поттикне компанијата и да ја движи кон одржливо и високо ниво на перформанси. Кога ќе го поставите вистинскиот тим, кој е целосно усогласен со мисијата, визијата и вредностите, тој ќе ги разработи соодветните стратегии и тактики за зајакнување, раст и проширување на бизнисот.

БИ: Кои се главните предизвици со коишто се соочува претприемачот во 21-от век?

Најголем предизвик е тоа што живееме во таканаречениот VUCA (volatile – непредвидлив, uncertain – непознат, complex – комплексен, ambiguous – двосмислен) свет. Претприемачите треба да изградат динамична организација, што е агилна и шаренолика. Искрено, ова е најверојатно најдоброто време во историјата на модерниот менаџмент да се биде претприемач, бидејќи има пристап до капитал, достапноста на информации и технологија е олеснета во споредба со изминатите пет децении, пониски се бариерите за влез на глобалните пазари, постои можност за поврзување на било кој уред на Интернет и ранливоста на големите компании коишто се потенцијално ранливи на нарушувањата на пазарот од иновативни компании.

БИ: Според вашето досегашно искуство, кои се предности, а кои недостатоци од работа во големи корпорации?

Задоволство ми беше да работам во некои од најдобрите и најголемите глобални компании и како млад професионалец имав можност да научам многу од нивните лидери, да се соочам со многу предизвици, да научам да не успеам и да продолжам да се развивам. Големите компании имаат силни тимови, конкурентни програми за селекција, анализи и слично. Сепак, постојат многу примери на големи агилни компании, но сепак верувам дека тоа е реткост.

БИ: Каков совет би им дале на претприемачите и бизнисмените од Македонија за да може полесно да се справат со сите потешкотии?

Верувам дека трите клучни принципи се: вистински бизнис лидер, вистинска идеја и вистински луѓе. Важно е да најдат начин за да ги пронајдат вистинските луѓе кои ќе ја движат компанијата кон успех. Како претприемачи, тие треба да имаат соодветен бизнис предлог. Нивната идеја или производ треба да реши одреден проблем или да направи нешто подобро. Претприемачите во Македонија кога размислуваат за бизнисот, треба да ги опфатат: потребите на пазарот, пристапот, придобивките и трошоците, како и конкуренцијата. И на крајот, секогаш треба да има сеопфатна, водечка и цел што ја обединува целата компанија. Ова е одлично време да се биде претприемач и пристапот до светските пазари никогаш не бил полесен.

email