jukebox2

Jukebox2, идејата која го освои второто место на шестото издание на Startup Weekend Skopje 2016, ја доживеа својата официјална продукциска промоција и стана дел од македонската ИТ сцена. Станува збор за сервис кој овозможува демократизација на музиката во локалите, односно платформа преку која посетителите се директни креатори на атмосферата и расположението.

Идејата за создавање на еден ваков виртуелен џубокс произлезе од постојаната потреба за преглед на моменталните и планираните музички случувања во главниот град, но и пошироко. Речиси секогаш сме се запрашувале што значи Retro Night или Latino Hits, односно каков ќе биде изборот на музичката листа во омилените локали кога не е планирана забава во режија на некој диџеј. Не ретко сме биле сведоци на постојано менување или недоразбирања кои песни и по кој редослед да ја обележат некоја приватна забава во сопствена режија. Сите овие ситуации беа доволна причина едно вообичаено попладневно кафе да го посветиме на разговор во контекст на изработка на проект кој ќе може да одговори на поставените предизвици. Како ИТ ентузијасти чија пасија секогаш била технологијата, одлучивме зимскиот период да го претвориме во процес на развој на веб и мобилно решение кое ќе овозможи „живот“ на нашата замисла за виртуелен џубокс. Вложувајќи голем дел од нашето слободно време, после четиримесечна работа се комплетираше иницијалната фаза и верзија, функционално решение претставено преку мобилна апликација и веб сајт замислен како платформа за менaџмент и администрација, стои во соопштението.

Од кориснички аспект, проектот се состои од веб портал и мобилна апликација која моментално е достапна за корисниците на Android и iPhone. Менаџерите на локалите пристапуваат на веб порталот и имаат можност за креирање на настан со специфична музичка содржина, односно прикачуваат музички наслови кои се од поширок интерес и во контекст на идејата и мотивите на планираниот настан. Главната интеракција се случува на страната на корисниците на мобилната апликација кои имаат постојан преглед на листата на локали кои планираат забави. Иновативниот карактер ја подразбира можноста гостите на настаните да ги пребаруваат и да гласаат за омилените песни кои сакаат да ги слушнат. Гласањето на омилените песни е поврзано со модул кој прави автоматско ажурирање на редоследот на песните во реално време, со што во основа се постигнува ефектот тие да се диџеи на моменталната забава и атмосфера во локалот.

jukebox2-system

За користење на веб порталот на апликацијата не е потребен посебен вид на хардвер, ниту специфични софтверски инсталации, затоа што сервисот и сите функционалности се достапни преку интернет пребарувачот на компјутерот. Единствена обврска на локалите е обезбедување на музички содржини кои се во согласност со постоечката законска реулатива, односно ги гарантираат авторските права на уметниците.

Зад оваа апликација стојат Миодраг Цекиќ, Михајло Младенов и Мартин Чоревски како технички дел од тимот, ентузијасти со исклучителна мотивација за совладување на сите предизвици што ги нудат модерите технологии и алатките за развој и Јован Димитров, задолжен за маркетинг и ПР.

“Како главни креатори на апликацијата, користејќи ги најновите технологии за развој на веб и мобилни апликации понудени од Microsoft, цврсто сме убедени дека идејата претставува нова димензија и невообичаено искуство кое ќе стане составен дел од дневниот и ноќниот забавен живот. Ваквото верување го потврди и успешната промоција на апликацијата која се случи на 4 јули во познатиот скопски кафе бар Vinyl”, велат од тимот.

Мобилната апликација е бесплатна и достапна за сите заинтересирани корисници.

Тимот на Jukebox2 напорно работи на исполнување на сите кориснички очекувања и во периодот кој следи најавува официјално претставување на комплетниот бизнис модел и имплементација на идејата низ локалите во Македонија, но и пошироко. Во моментов апликацијата успешно функционира во кафе барот Vinyl во Скопје, а свое место за многу брзо ќе добие и во уште неколку локали низ земјата.

email