community-2994532_960_720

Фото: Pixabay

Целта на секој работодавач е да има лојални и вредни вработени и ниеден претприемач не сака да загуби добар работник од една или друга причина. За да не дојде до тоа треба да умеете да ги задржите. Еве како:

 “Тргнете им се од патот“

Ако верувате во своите вработени и знаете дека доволно сте ги обучиле и сте им ги дале потребните средства за работа, тогаш логичен чекор е да им се тргнете од патот. Доколку постојано ги надгледувате и покажувате со прст каде, што и како треба да се направи, ќе ги демотивирате и обесхрабрите.

Бидете постојани

Кога на вработените им се дадени конкретни и конзистентни насоки и цели кон коишто треба да се стремат, тогаш продуктивноста расте. Во спротивно, ако работодавачот често ги менува правилата и без да навести, се губи мотивацијата кај вработените и претприемачот ја губи поддршката од нив.

Признајте го нивниот труд

Секој вработен сака да е ценет и да се признае тоа што го сработил. Затоа, треба да знаат дека ниеден труд не поминува незабележано. Кога јавно ќе им заблагодарите за добро завршената работа, поттикнувате лојалност кај целиот тим. Сепак, внимавајте тоа да биде објективно и искрено.

Понудете им соодветен надоместок

Ако имате одлични работници без кои едноставно не можете, треба да им дадете и соодветен бонус или други бенефиции, во зависност од сработеното. Секое надминување на очекувањата во перформансот заслужува награда.

Бидете отворени за нови идеи

Најдобрите менаџери се отворени за нови идеи, зошто знаат дека така можат само да добијат нешто и да бидат иновативни на пазарот. Никој ги нема сите одговори, но ако се работи заедно како тим може многу да се постигне. Тврдоглавоста е лоша особина, затоа не затворајте врата пред креативноста без разлика од кого доаѓа.

Бидете достапни

Работодавачот треба да биде достапен за своите вработени, особено кога тие тоа го бараат. На разни задачи и проекти им треба дополнително објаснување, а претпоставените се тие кои треба да излезат во пресрет.

Поттикнете транспарентност во тимот

Отворената комуникација помеѓу сите членови во тимот е од клучно значење за напредок во бизнисот. Така секој ќе знае кој до каде е и што работи. Доколку промовирате таков вид на комуникација ќе ја “подгреете“ довербата кај вработените, а тие ќе сакаат да останат онаму каде што се.