lemon-926722_960_720

Фото: Pixabay

Понекогаш е тешко веднаш да препознаеме дали сме настинале или пак се работи за некаква алергија. Овие две работи имаат различни причинители, настинката е вирусна инфекција, додека алергијата е предизвикана од одреден алерген.

Кај настинката имунолошкиот систем се активира и телото се бори со вирусот, додека кај алергијата организмот од одредена причина прави грешка и реагира на полен, прашина и друго како да се бактерии. Без потреба се ослободува хистамин и телото се однесува слично како да станува збор за настинка.

Разлики

Една од најголемите разлики е времетраењето и тоа што настинката е заразна за разлика од алергијата. Настинката трае од три до 14 дена, додека алергијата може да трае и со месеци, односно колку долго ќе бидете во контакт со алергенот.

Најчесто се разболуваме во зима, додека алергиите се присутни преку целата година, а најизразени напролет.

Настинката започнува неколку дена по контакт со вирусот, додека симптомите на алергиите се чувствуваат веднаш по контактот со алергенот.

Алергијата не е придружена со болка, температура или треска додека настинката често ги дава овие симптоми.

Насолзени очи што многу често чешаат укажуваат на алергија, додека настинката многу ретко ги пројавува тие симптоми.