Climate-Change-3

Kлиматски предизвик отворен за сите граѓани на Македонија е објавен од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД), во партнерство со Амбасадата на Шведска, Министерството за животна средина и просторно планирање, Милиеуконтакт Македонија и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.

Вториот конкурс ги поканува сите граѓани да достават предлози за иновативни проекти насочени кон сеопфатната цел на “урбана отпорност” за: борба против климатските промени; намалување на загадувањето; заштита на зелените површини или намалување на цврстиот отпад.

Најиновативната идеја ќе биде наградена со грант од 10.000 американски долари, од кои 1.000 ќе бидат доделени како парична награда, додека 9.000 долари ќе бидат доделени на победникот во форма на придонеси за да се поддржи развојот на идејата во прототип на решение. Ова вклучува технолошка поддршка, менторство и помош во изнаоѓање на партнери кои би можеле да бидат заинтересирани за усвојување на решението или за финансирање на неговиот понатамошен развој.

Предизвикот има урбан фокус, бидејќи градовите се главни причинители на климатските промени, а истовремено се соочуваат со драматични ризици од нивните последици, вклучувајќи поплави и екстремни временски појави.

Моментално, повеќе од 60% од населението во Македонија живее во урбаните центри, со околу 30% само во Скопје. Главниот град е дом на поголемиот дел економска активност на земјата и генерира најголем дел од емисиите поврзани со потрошувачка на енергија. Постојаната урбанизација врши голем притисок врз природните ресурси, загрозувајќи ја чистата вода со отпадни води, чистиот воздух со загадување и зелените површини со урбана експанзија.

“Борбата против климатските промени е една од седумнаесетте Глобални цели усвоени од сите земји членки на Обединетите нации минатата година. Секоја земја и секој поединец има улога во оваа борба. Политиките и заложбите треба да се преточат во конкретни активности преку свежи идеи и ангажман од сите страни за нашите градови да станат побезбедни, позелени и почисти“, изјави Постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон.

На минатогодишниот климатски предизвик пристигнаа повеќе од 130 иновативни предлози од граѓаните. Двете победнички идеи – паметни влошки за обувки коишто може да служат за полнење на телефони, како и серија на вирални видео клипови со цел подигнување на јавната свест за климатските промени – се веќе успешно развиени во прототипи.

“Веќе 50% од светската популација живее во градовите, а тој број постојано расте. Растечката урбанизација врши притисок врз снабдувањето со чиста вода, објектите за третман на отпадните води, зелените површини, како и јавното здравје. Со овој нов предизвик, ве повикуваме сите вас, граѓаните на Македонија, да ги споделите вашите креативни идеи за ублажување на овие притисоци. Добрите идеи не се само во доменот на научниците и инженерите. Ги покануваме сите да ги стават своите капи за размислување за поддршка на глобалните цели за чиста енергија. Како што вели и слоган на конкурсот, Од тебе зависи”, рече Директорот на мисијата на УСАИД, Џејмс Стајн.

Овогодишниот предизвик започна со тизер кампања на Водно, каде што познатиот ликовен уметник Симонида Филиповска наслика загадена слика на градот долу. Локалните кафулиња, ресторани и книжарници се вклучија во промоцијата преку забавни постови кои привлекоа внимание на хаштагот #одтебезависи.

Прогласувајќи го официјалниот почеток на кампањата, шведскиот амбасадор, Матс Стафансон, ја потсети публиката за потребата од искористување на сите потенцијални човечки ресурси во надминувањето на климатските промени.

“Исто како и Шведска, Македонија се соочува со забрзана урбанизација. Овој тренд  поттикнува нови размислувања околу клучните прашања, како што се снабдувањето со енергија и водните ресурси. Познато е дека урбаните центри од повеќе аспекти се пријателски насочени кон климата, но сепак големиот број предизвици мора да се решат. Амбасадата на Шведска во Скопје е горда што е повторно партнер со УНДП и другите, со цел да се поттикне иновативно и креативно размислување во Македонија околу тоа како да се искористат предностите од урбанизацијата и да се подобри отпорноста на градовите. Минатогодишниот ’Климатски предизвик’ резултираше во многу импресивни и поттикнувачки придонеси и јас со нетрпение чекам да видам што ќе презентираат натпреварувачите оваа година“, вели шведскиот амбасадор, Матс Стафансон.

Електронската апликацијата за конкурсот може да се најде на: http://odtebezavisi.mk.

Крајниот рок за поднесување на апликациите е први јуни, 2016 година.