elenaЕлена Фиданоска, сопственик на Macedonian Honey

Macedonian Honey, старт – ап зад кој стои брачниот пар Елена и Огњен Фиданоски, се занимава со производство и онлајн продажба на чист мед. Кошниците им се поставени на 1.100 метри надморска висина, во Југозападна Македонија, во близина на Дебар и Кичево, каде пчелите собираат мед од недопрена природа.

Фиданоски при производството користат биодинамична метода, која не ги нарушува природните навики на пчелите. За кошниците и рамките користат само природни материјали, не користат никакви хемикалии, антибиотици, било какви третмани, ниту пак вештачки ги дохрануваат пчелите со шеќер.

Собраниот мед не го пакуваат класично, во тегли, туку во вид на стапчиња (honeysticks), коишто се многу практични за користење. За овој интересен производ и бизнис, разговаравме со Елена Фиданоска.

БИ: Macedonian honey е семеен бизнис што се занимава со производство на мед. Што беше клучно за започнување на ваков бизнис во Македонија?

Пчеларењето е многу интересна и возбудлива активност. Може да се каже дека е една од оние активности во кои човекот најмногу ужива. Медоносната пчела го собира нектарот во природата, а потоа го претвора во нешто што може да се консумира – мед. Дополнително, медоносната пчела со незаменлива прецизност и ефикасност врши опрашување на овошките, зеленчукот и генерално на билките во околината. Затоа, пчеларењето е бизнис со економски, социјален и еколошки бенефит и е клучна активност во зачувување на биодиверзитетот. Пчеларењето почнува од љубов кон природата и фасцинација со пчелите и потоа се развива во нешто повеќе. Кога ќе сфатите дека секоја година медот од кошницата е различен, односно неповторлив во наредните години, иако пчелните семејства се на истото место, тогаш сакате и на остатокот од светот да му ја понудите таа уникатност, она што медоносната пчела непроменета го прави веќе 20 милиони години. Македонија, според анализите за биодиверзитетот е именувана како европски “хотспот”, што ја прави идеално место за развој на ваков бизнис. Квалитетот на македонскиот мед е на самиот европски врв според сите параметри поставени од Европската Унија, надминувајќи ги и нив. Затоа Македонија е едно од единствените места на овој свет каде природата е особено дарежлива кон човекот и тоа сакаме да го направиме достапно на сите.

med 3

БИ: Дали е неопходно предзнаење за одгледување на пчели и производство на мед?

Пчеларењето се учи. Потребна е и теоретска и практична подготвеност за да се започне со пчеларење. Медоносната пчела е диво “животно” и таа нема сопственик, газда. Пчелата има моќно оружје и може многу ефикасно да се одбрани себе си и да ја заштити својата колонија и нема никаква одбрана од тоа. Но, за овие последни 20 милиони години, медоносната пчела и човекот развиле начин да живеат во симбиоза, затоа што се потребни еден на друг. Човекот со своето знаење и активности може да придонесе да се намалат штетите на пчелните семејства од наметниците и предаторите кои претставуваат опасност за медоносната пчела, а пак пчелата е единствениот инсект на оваа планета која може да произведе храна за човекот, воедно да произведе лек за сите болести. Затоа пчеларот треба да ги научи сите постапки што ќе го направат добар соработник на медоносната пчела и притоа нејзин сојузник. Тогаш кога пчеларот сите свои активности ќе ги усклади со природата, и во добробит на медоносната пчела и живиот свет, тогаш може да се рече дека го научил занаетот.

БИ: На каков начин го произведувате медот и што е неопходно за неговиот квалитет?

Медот од нашите кошници е истиот оној мед кој вашата баба или дедо ви го давале кога сте биле мали. Е сега, тоа би било така доколку вашите баба и дедо биле од оној тип на луѓе кои носеле пчеларско одело и се качувале по дрва и карпи за да го соберат медот од дивите пчели. ОК, ниту ние во MacedonianHoney.com не го правиме тоа, но, со нашиот “старински начин” на одгледување на пчелите, медот добиен така е можеби најдобриот мед кој некогаш сте го намачкале на леб. Ние ги одгледуваме пчелите без употреба на хемикалии, антибиотици или неприроден третман од било каков вид. Ги сместивме нашите пчеларници на скриени места низ планината каде природата е чиста и недопрена. Ги оставаме пчелите сами да го прават тоа што најдобро го знаат и за што во природата имаат неприкосновено место. Не ги преместуваме кошниците наоколу за да ја зголемиме продуктивноста. Го собираме само вишокот на мед кој не им е потребен на пчелите и го пакуваме во Honeystick. Кога го јадете медот од Honeystick е исто како да ставите лажица во кошницата и од саќето сами да извадите од златниот дар на природата. Се вели дека една лажица мед (12гр) дневно, ви помага во јакнење на имунитетот, а може дури и да ви помогне при борбата со алергиите. Дали е така или не, тоа вие најдобро си знаете, но во едно сме сигурни, една лажица мед дневно ќе направи да сте порасположени и насмеани. Медот содржи многу елементи што се клучни за нашето здравје: P, Fe, Al, Mg, Cu, Mn, Si, Cl, Ca, K и Na. Овие елементи се дел од составот на земјата на која растенијата се развиваат и од која се хранат. Преку коренот на растението овие важни елементи се пренесуваат до нектарот кој е главниот извор за производство на мед. Затоа елементите кои се содржат во медот многу ќе варираат во зависност од составот на земјата на која растенијата се развиваат и од ботаничкиот тип на растенија од кои пчелата го собира нектарот. Биодиверзитетот или разноликоста на медоносната флора е клучната состојка за добар мед, како и незагаденоста на почвата.

med 1

БИ: Колкава е количината на мед што ја дава едно пчелно семејство во текот на годината и од што најмногу зависи?

Нема математичка равенка за приносот. Постојат многу параметри кои се важни за пчелните семејства да соберат доволно нектар да произведат мед за нивно преживување и дополнително за човекот. Генерално земено, три работи се важни за да имате вишок мед: поволни микроклиматски услови, ефикасна контрола на предаторите и наметниците на пчелните семејства и достапност на медоносните растенија во опсег на делување на пчелното семејство. За да го појасниме поимот “вишок” мед, мора да се напомене дека медоносната пчела произведува мед повеќе од она што и е доволно за преживување на семејството, па така всушност произведува и за човекот. Е сега, што се однесува до приносот во нашите пчеларници, тогаш генерално земено заради нашиот старински начин на пчеларење, во комбинација со планинската клима каде периодот на прибирање на нектарот од медоносните билки е пократок отколку во низинските предели, ни дава принос во просек од 5 до 7 кг мед по кошница.

БИ: Honeystick е производ по којшто сте препознатливи. Колкав е интересот за консумирање мед во “џебно“ пакување?

Медот собран од нектарот на лековити тревки како нане, маточина, камилица, бела детелина, кантарион итн, како и дабовата шума, има нагласени антибиотски својства токму заради висината на која овие растенија растат (1.100 метри надморска висина). Затоа медот спакуван во HONEYSTICK е различен од оној кој можете да го купите во продавница. Човечкиот организам нема можност да ги складира за подоцнежна употреба важните минерали и витамини, туку си зема онолку колку што му е потребно за тој ден, а остатокот го исфрла. Затоа залудно е да изедете една цела тегла мед одеднаш, бидејќи телото ќе си ги искористи дневните потреби, а остатокот ќе го исфрли. Од друга страна, силно веруваме дека е поважно она што го правите секој ден отколку она што го правите повремено. Ако зборуваме со нашиот речник, тогаш треба да се каже дека е многу поважно да консумирате по една дневна доза мед секој ден во подолг временски период, отколку еднаш во месецот да изедете одеднаш неколку големи лажици мед. Така само се лажете себе си дека сте му сториле добро на организмот, а всушност ништо посебно не сте сториле на подолг рок. Затоа со Honeystick се потрудивме да решиме повеќе проблеми одеднаш:

  • Honeystick содржи дневна доза мед која на организмот му ја дава доволната количина на важни минерали и витамини. Според сите истражувања, две лажички мед дневно се доволни за организмот да се снабди со овие неопходни елементи и точно толку содржи еден Honeystick. Вие можете да консумирате и повеќе доколку имате ден исполнет со дополнителна физичка активност, бидејќи медот врши регенерација на заморот на мускулите и му ја дава на мозокот храната неопходна за негова непречена активност.
  • Honeystick можете да го земете секаде со вас. Не мора да го консумирате медот само кога сте дома. Земете мед тогаш кога вас ви е најпотребен и кога ви одговара. Дизајнот на Honeystick ви овозможува лесно да го истиснете медот до последната капка и притоа да не ви залепат прстите
  • За да го направиме секогаш достапен, развивме online продавница www.macedonianhoney.com, со бесплатна и брза достава до домот на купувачите. Досега HONEYSTICK го вкусиле на Малдивите, Норвешка, Шпанија, Англија итн. Воедно на блогот на macedonianhoney.com постојано обработуваме теми од спортот, здравјето, животот кои некако се поврзани со медот и неговата улога. Активни сме и секојдневно објавуваме интересни артикли на популарните социјални мрежи.

med2

БИ: Бевте дел од акселераторската програма на Hub Skopje и преку Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, кофинансиран од Швајцарската амбасада, учествувавте на глобалната конференција на CEED Global. Какви се искуствата и што му донесоа на вашиот бизнис?

Многу е погрешно во кругот на најблиските соработници да правите планови за развој на вашиот бизнис, да донесувате разни одлуки во која насока ќе се развивате и притоа да мислите дека тоа е најисправниот и единствен пат. Семејните бизниси во својата организациона структура не содржат секогаш поединци кои ги имаат сите достапни и доволни знаења од областа на комуникациите, маркетингот, продажбата, планирањето итн. Затоа вакви програми кои го прават достапни знаењето и искуството на соговорниците за нашиот бизнис – злато вредат. Доколку тоа што сте го замислиле не го поставите на здрави основи и притоа не го тестирате пред да го реализирате, тогаш големи се шансите за неуспех. Тоа што бевме е дел од оваа програма многу ни помогна нашите развојни планови да ги поставиме на здрава калдрма и да тргнеме по патот на успехот. Позитивната атмосфера во Хаб Скопје ни овозможи да ги надминеме сите сомнежи кои ги имавме на почетокот и да ја прошириме нашата контакт мрежа со сериозни странски и домашни експерти.

email