foto-kpmg-3

Компанијата за професионални услуги КПМГ во Македонија синоќа одбележа два значајни настани: својата дваесетгодишнина и именувањето на новиот партнер, Срѓан Ранѓеловиќ, со концерт на Македонската филхармонија со наслов Charlie Parker with strings. Овој концерт беше изведен премиерно во нашата земја и ја нагласува поддршката што КПМГ ја дава за културата и уметноста во Македонија, стои во соопштението.

На прославата присуствуваа многубројни клиенти и гости на КПМГ во Македонија, вклучувајќи го и претставникот на Бордот на КПМГ за Централна и Источна Европа и раководниот партнер на КПМГ во Бугарија, Гергана Мантаркова, како и поранешни и сегашни вработени на КПМГ во Македонија.

“Водени од вредностите на КПМГ за извонредност, доверба и посветеност кон клиентите, КПМГ во Македонија изгради силен тим со големо знаење и искуство, кој освен во Македонија учествува и во многу меѓународни проекти во регионот, применувајќи ја својата експертиза и градејќи репутација во различни сектори и индустрии“, изјави Мантаркова.

По повод именувањето на новиот партнер,  таа рече: “Особено сум горда на практиката на КПМГ да именува локални партнери како признание за нивниот квалитет, посветеност и постојаниот придонес“.

Во својот говор Гордана Никушевска изјави: “КПМГ во Македонија е основана во 1997 година како дел од големото семејство на КПМГ во целиот свет. Со тоа во Македонија се донесе големото меѓународно искуство и know – how на КПМГ, една од најголемите светски ревизорски и консултантски куќи, со што се придонесе за развојот и приближувањето на нашите клиенти кон најдобрите практики. Со ангажманите, еднакво и во мали и во големи компании, како и со учеството во многубројни проекти од јавниот сектор, ние придонесуваме во заедницата и влијаеме врз економијата на нашата земја во целост“.

Новоименуваниот партнер, Срѓан Ранѓеловиќ, се осврна на основните елементи на визијата на КПМГ: луѓето, клиентите и јавноста.

“Ние ќе продолжиме да се залагаме КПМГ и во иднина да ги има најдобрите луѓе и да биде работодавец од избор за голем број студенти и млади луѓе. Се надевам дека КПМГ и во наредните години ќе биде едно прекрасно место за работа и за градење кариера на многу успешни професионалци“, изјави тој.

email