mishel-markovМишел Марков – менаџер за извоз на Макпрогрес

Макпрогрес е апсолутен лидер со своите производи на пазарите во Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, а на бугарскиот пазар во последно време се зајакнува пласманот, вели Мишел Марков, менаџер за извоз на Макпрогрес во интервју за Бизнис Инфо.

БИ: Макпрогрес е еден од најголемите македонски извозници. Компанијата е присутна со своите брендови на повеќе континенти. Како влијае фактот дека имате огромно производно портфолио? Колку тоа ги олеснува или отежнува работите?

Токму така. Макпрогрес своите производи ги извезува на пет континенти и во преку 55 држави. Големото производно портфолио позитивно влијае на извозот, затоа што нашите клиенти и партнери имаат можност да избираат од големата понуда на производи, да ја прилагодат нарачката кон пазарот. Не секаде истата грамажа или пакување се консумирани. Има пазари каде традиционално се прифатени одредена група на производи и потрошувачите преферираат една грамажа, додека во соседната држава потрошувачката навика за тој производ е сосема поразлична. Така што, големото производно портфолио позитивно влијае на продажбата и претставува предност за извозот.

БИ: Дали во некои од земјите се соочувате со потешкотии, од типот на домашен протекционизам, што влијае на цената на вашите производи, или на некаков друг проблем. И како истите ги решавате?

Како и во секоја работа и во нашата се појавуваат одредени предизвици кои бараме начин како да ги решаваме, така што се случува во одредени пазари да се појават потешкотии кои ги решаваме зависно од конкретниот предизвик и моментални можности. Има случаеви каде реагираме ценовно на долгорочен план, а понекогаш реагираме со мерки за краткорочен период. Инвестираме во маркетинг, како би успеале да ги наложиме нашите производи на одреден пазар. Продажбата е “жива материја“ која бара постојано прилагодување на одредени ситуации.

БИ: Дали добивате поддршка од нашите институции?

Поддршка секако дека постои и истата се однесува на издавање на сертификати кои се потребни при увоз на производите во одредени држави. Извозот е многу олеснет со тоа што државата ги отвори граничните премини за извозно царинење 24 часа. Тоа би го издвоил како посебно позитивна мерка, бидејќи се заштедува многу време при процедурата. Сега стоката наменета за извоз оди директно на граничен премин и таму се обавуваат сите царински формалности, додека претходно мораше да иде на некој внатрешен терминал и доколку постапката не се завршеше до 17:00 часот – се чекаше до следниот ден. Поддршката доаѓа и со договори за нецаринење со одредени држави или региони, како самото членство во STO со кое се смалуваат или комплетно анулираат царинските давачки. Ваквите олеснети околности допринесуваат за поголема конкурентност на македонските производи на странските пазари. На крајот, би истакнал дека сè уште постои простор државата да го помага и поддржува извозот на македонски производи, особено преку договори за олеснување на трговијата со други држави и региони со бесцаринска трговија.

БИ: Дали можете да издвоите земја каде некој од вашите брендови е посебно прифатен?

Такви држави има повеќе, особено на балканските простори – каде сме апсолутни лидери со нашите производи. Тука би ги споменал Косово, Србија, БиХ, Хрватска, а и Бугарија на чиј пазар во последно време го зајакнуваме пласманот и стануваме препознатливи со нашите брендови и суб-брендови.

БИ: Во кој регион или земји најмногу извезувате?

Генерално нашиот фокус е Европа и сакаме да направиме европски препознаен бренд од нашите брендови. Моментално сме балкански лидери со нашите производи, што е разбирливо, бидејќи во овој регион продаваме најмногу. Наш најголем пазар е Романија, а ако гледаме по глава на жител – Косово се издвојува најгоре на листата на наши извозни пазари.

БИ: Неодамна бевте присутни на големиот саем за храна и иновации АНУГА во Келн, како поминавте таму?

Во периодот од седми до 11-ти октомври годинава ги претставивме сите наши производи од брендовите Винчини, Армониа, Натура и Дониа на најголемиот светски саем за храна Ануга во Келн. Саемот го посетија приближно 160.000 луѓе од 190 држави во светот. Традиционално на овој саем, Макпрогрес ги изложува своите производи во Ануга, каде и оваа година имаше голем интерес за нив. Нашиот штанд беше посетен од преку 150 потенцијални клиенти со кои беа разговарани потенцијалните можности за соработка.

БИ: Кој е вашиот омилен производ од портфолиото на Макпрогрес Виница?

Како што погоре споменав, Макпрогрес има навистина големо портфолио и тешко би било да издвојам еден посебно омилен производ. Генерално на домашната трпеза во моето семејство секојдневно се наоѓаат разни производи од палетата на Макпрогрес, но еве би ги издвоил колачињата Brownie, тортичките, целата гама на вафли како и сите вкусови на ролати. Во последно време, со семејството редовно консумираме производи од асортиманот на Дониа којшто брои многу вкусни и примамливи производи како што се: чајни колачи, таан алва, локум, желе и многу други.

email