Стопанска комора на Македонија – Турција (МАТТО) ги повикува македонските компании да ја продолжат почнатата деловна соработка со турските фирми и слободно да влегуваат во нови деловни односи, јавува Миа.

“Економската размена на Македонија и соработката со турските компании интегрално е покриено со плаќања во евра. Девизниот курс е во фиксни рамки повеќе од 20 години и на домашниот пазар е обезбедена целосна стабилност. Согласно актуелното ниво на лирата, во моментов е рационално да се врши плаќање во лири, како за правни, така и за физички лица“, велат од МАТТО.

Турската економија во 2015 имаше раст на БДП од 4%, а во првата половина од 2016 3,4%. Истиот раст се очекува и во 2017 година. Растот на индустриското производство во мај 2016 споредено со ист период во 2015 е 5,6%.

Турција во 2015 година оствари трговска размена со Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора во вредност од 2,3 милијарди долари, додека во 2014 инвестираше во регионот повеќе од три милијарди долари, нагласуваат од Комората.

МАТТО, со седиште во Скопје, брои 56 турски и македонски компании, како и инвестиран турски капитал во Македонија од над една милијарда долари.