berza

Фото: Pixabay

Во месецот кога Македонска берза прославува 20 години од првата реализирана трансакција, направивме избор од поважни поими поврзани со работата на берзата.

Акција – претставува сопственичка хартија од вредност, што е неделив и идеален дел од основната главнина на акционерското друштво или командитното друштво со акции.

Обични и приоритетни акции – обичните акции на своите сопственици им даваат право на дивиденда, право на глас на собранието на акционери и право, во случај на ликвидација или банкрот на акционерското друштво, распределба на имотот по подмирување на обврските на друштвото. Приоритетните акции се специфични поради тоа што нивните иматели имаат приоритет при исплата на дивиденда или исплата во случај на ликвидирање или банкрот на акционерското друштво.

Акционерско друштво – според законот за трговски друштва, акционерско друштво е трговско друштво во коешто акционерите учествуваат со влогови во основната главнина, којашто е поделена на акции. Акционерите не одговараат за обврските на акционерското друштво. Најмалиот номинален износ на основната главнина, без јавен повик за запишување на акциите изнесува 25.000 евра во денарска противвредност. Во случај друштвото да се основа преку јавен повик за запишување на акциите, износот е најмалку 50.000 евра во денарска противвредност.

Акционерска книга – акциите се запишуваат во книга на акции на друштвото, којашто се води во Централниот депозитар за хартии од вредност, во електронска форма, со означување на името и презимето на акционерот, единствениот матичен број, бројот на личен документ, местото на живеење или седиште на фирмата, ЕМБС доколку акционерот е правно лице.

Јавна понуда – според законот за хартии од вредност, јавната понуда претставува јавен повик за запишување и купување на хартии од вредност објавен во средствата за јавно информирање.

Приватна понуда – понуда за запишување и уплата на хартии од вредност којашто е упатена на: само околу 20 лица, само институционални инвеститори, во случај на зголемување на основната главнина од средствата на компанијата, во случај на условно зголемување на основната главнина и во случај на заем што се трансформира во влог.

Котација – означува ставање на одредена класа на хартии од вредност од страна берзата на посебна платформа за тргување врз основа на договорот меѓу берзата и издавачот на хартиите од вредност со којшто се регулираат меѓусебните права и обврски.

Нетрговски трансфер или пренос – пренос на сопственоста на хартиите од вредност којшто настанува врз основа на подарок, наследство, судска одлука или реализација на договор за залог.

Трговски трансакции – промени на сопственоста на хартиите од вредност на секундарниот пазар како резултат на нивно купување или продавање

Обврзници – долгорочни хартии од вредност, со којашто издавачот се обврзува дека на сопственикот на обврзницата еднократно или на рати, на точно утврден ден, ќе го исплати номиналниот износ на оваа хартија од вредност заедно со камата.

Овластен учесник на пазарот на хартии од вредност – секое физичко или правно лице вклучено во работата на овој пазар, којшто има соодветна дозвола од Комисијата за хартии од вредност, вклучувајќи банки, берзи, депозитари, брокерски куќи, брокери и инвестициони советници.

Проспект – писмен документ во којшто се содржани сите релевантни податоци што на купувачот на хартии од вредност му овозможуваат да направи проценка за правното, финансиското и деловното работење на издавачот.

Примарен пазар – го претставува првото продавање на хартии од вредност од страна на издавачите, односно првото запишување и уплата на хартиите од вредност.

Секундарен пазар – секое купување или продавање на претходно издадени хартии до вредност.

Ценовно чувствителни информации – информации од специфична природа коишто се директно или индиректно поврзани со издавачот на хартиите од вредност и коишто, доколку се обелоденат, би можеле да влијаат на цената на хартиите од вредност на издавачот или да влијаат на одлуката на инвеститорите да купуваат, продаваат или да ги чуваат хартиите од вредност.

Номинална, сметководствена и пазарна вредност на акцијата – номиналната вредност ја претставува вредноста што ја добива акцијата при нејзиното издавање и која не може да се менува. Сметководствената е вредност на акцијата искажана преку односот на сметководствената вредност на капиталот и вкупниот број на емитувани акции, а се менува во зависност од промената и вредноста на капиталот. Пазарната вредност на акциите се менува независно од номиналната и сметководствената вредност и го одразува односот на понудата и побарувачката на одреден пазар.

Официјален и редовен пазар – официјалниот пазар претставува пазар на котирани хартии од вредност, додека редовниот пазар претставува пазар на некотирани хартии од вредност.

Супер котација и Берзанска котација – посебни подсегменти на официјалниот пазар, на којшто се тргуваат акции котирани на берзата.

Слободен пазар – пазарен сегмент на берзата на којшто се тргува со хартии од вредност коишто не се котирани и кои не се тргуваат на пазарот на акционерски друштва со посебни обврски за известување.

email