mi-se-jade-fb

Фото: Facebook

Од 11-ти овој месец официјално е лансиран сервисот misejade.mk, којшто има за цел да ви помогне да го одберете идеалниот оброк, стои во соопштението.

Што јадеше денес? Веројатно истото што го јадеше пред три дена. Кога работиме и треба да смислиме што да јадеме идеите ни се ограничени на она што сме го јадеме до сега или она што ќе го предложи некој колега, само затоа што на тоа ни текнува прво и ни е сигурниот избор. Па така, веројатноста да се повторуваме со истиот оброк на три дена е многу голема.

Две девојки и двајца момци од дигиталната индустрија, кои ја имаа истава мака, одлучија да ги променат нештата. Креираа агрегатор со којшто ќе си помогнат најпрво себе, а потоа и на другите гладни и мрзливи (да зготват нешто) фраери/ки.

Запознајте се со misejade.mk. Не се работи за сервис за испорака на храна, но ќе ти даде идеја што да јадеш или да ти пратат по точак/такси. Не е адресар на ресторани, ама затоа е адресар на оброци, коишто по некоја случајност се приготвуваат во ресторани, кафани или сомнителни трафики. Нема online плаќање или нарачување. Misejade.mk е тука за да ти даде идеја, а не да ти земе пари. Паметниот алгоритам, користејќи ја твојата локација ќе ти понуди избор на многубројни оброци кои се наоѓаат во твојата околина, а си ги превидел (само затоа што јадеш бурек со јогурт, секој ден, од едно те исто место).

“Филтрите за категории, на кои сме научени до сега, ги заменивме со харизматични ликови и докажани гурмани како баба Љуба, Марио Фит, Пере Ждере, Анка Вегетаријанка итн. Сите ликови се грубо базирани на вистински личности, секој од нив експерт во својата област. Така на пример, Анка Вегетаријанка ќе ти ги понуди сите вегетаријански оброци кои се наоѓаат во твоја близина и се моментално достапни”, Владимир Василевски, еден од основачите на misejade.mk.

Во моментов misejade.mk прикажува точно 2.913 оброци од 49 угостителски објекти. Оваа бројка секојдневно расте и ќе продолжи се додека не се мапираат сите можни опции. Помагајте браќа и сестри, заедно да ги откриеме сите можни места за јадење. Препорачај неоткриено место на овој линк.

Прикажаните оброци се од угостители кои во моментот на пребарување се отворени. Ова значи дека доколку отворите misejade.mk во четири часот наутро, ќе знаете точно што и од каде можете да јадете.

Misejade.mk ги прикажува само оброците кои се во твоја близина или вршат достава до твојата локација.
Паметна адреса, којашто со само еден клик и помош од Google Maps ќе те упати кон локацијата на посакуваниот оброкот. Агрегаторот нуди целосни менија, разглобени по категории, со информации за секој оброк и детали за локалот, како и зумирањето на Facebook слики од менија веќе е минато. Misejade.mk дава можност да го оцениш оброкот по вкус и исплатливост, со што им помагаш и на следните корисници.

Во мометов misejade.mk содржи само локали кои се наоѓаат во Скопје. Доколку сакате да прикажуваме оброци и во останатите градови, слободно предложете ни ресторани кои ги има во вашиот град.

email