leadership

Фото: Pexels

Штом станеш претприемач автоматски не значи дека си станал и добар лидер. Многу од претприемачите сметаат дека стекнуваат лидерски вештини во моментот кога ќе стартуваат компанија. Недостигот токму на лидерската визија и насока можат да го уништат угледот на компанијата преку користење на неетички методи и злоупотреба на моќта.

Најдобра мерка за лидерството не е колку самиот ќе постигнеш како индивидуа, туку колку луѓе ќе ги инспирираш да постигнат повеќе, споделува влијателниот мотивациски говорник и автор Џон Максвел во интервју за реномираното списание Forbes.

Максвел потсетува на својот закон за конзистентност според којшто, додека мотивацијата ве тера да продолжите понатаму кон патот на успехот, дисциплината ќе направи да пораснете како човек. Тој ги охрабрува сите претприемачи секој ден да посветат дел од своето време да се надоградуваат како лидери и да не паѓаат на заблудата дека успехот во бизнисот ќе ги направи лидери.

Влијанието врз луѓето и лидерството се нешта за коишто е потребно подолго време да се развијат со тоа што ќе се мотивираат вработените да го вложат својот максимум во работниот процес, објаснува авторот. Секој понекогаш прави грешки, но доколку ги анализираме истите, а потоа и евалуираме што тргнало наопаку, на добар пат сме да си ги подобриме лидерските вештини.

Како претприемачи, треба да учиме од оние кои веќе го поминале истиот пат, но уште подобро е да учиме од своите грешки. Секогаш е добро покрај себе да имате поискусен ментор кој ќе ве води и ќе ви помогне да останете фокусирани кон вашата цел.

Најголемиот дел од луѓето го прифаќаат она што им се случува како неизбежен факт, без да бидат свесни дека можат да влијаат скоро на сè околу нив. Треба само да знаете што сакате и да бидете конзистентни на патот кон својата цел – советува прочуениот автор.

email