nivi-pixabay

Фото: Pixabay

Иновации и модернизирање на постжетвените активности, оценка на потрошувачите за различни типови биотехнологии во земјоделството, трендови во високото образование и науката, се само некои од темите што ќе бидат презентирани денеска на Меѓународниот симпозиум за земјоделство и храна во Охрид, јавува Миа.

Симпозиумот неформално почна вчера, со работилницата Про – метрофуд – инфраструктура за промоција на метрологијата и храната во исхраната, а официјално ќе биде отворен денеска со обраќања на ректорот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Никола Јанкуловски, на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, на деканот на ФЗНХ, Вјекослав Танасковиќ, како и на претседателот на Организацискиот одбор на Симпозиумот, Драги Димитриевски.

Најавено е учество на реномирани научници од 26 земји, претставници на универзитети, институции и компании.

На научниот собир ќе бидат претставени 386 трудови, а ќе се одржат и 39-тата Средба Факултет – Стопанство, деветтиот Симпозиум за градинарство и цвеќарство, шестиот Симпозиум за лозарство и винарство, 11-та Меѓународна конференција на Здружението на агроекономисти на Република Македонија и 39-та Средба на Здружението за заштита на растенијата на Република Македонија.

Ова е трет Меѓународен симпозиум за земјоделство и храна, а го организира Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) по повод јубилејот – 70 години постоење. Освен увид во најновите истражувања и поттикнување дебати и дискусии, од собирот се очекува и јакнење на соработката меѓу универзитетите, институциите и агро – бизнис секторот.

email