nbrm-logo-pocetna

Монетарната поставеност е соодветна, а аукцијата на благајнички записи на 13 февруари ќе се спроведе под непроменети услови, односно ќе се понудат благајнички записи во износ од 25.000 милиони денари и каматна стапка од 3,25%, се вели во најновото соопштение на Народната банка по одржаната редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ .

Во однос на инфлациските движења, во 2017 година, инфлацијата е во рамки на проекците, додека оцените за еден дел од увозните цени се променети во нагорна насока. Сепак, имајќи ја предвид нивната променливост, засега ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2018 година од 2%, се оценуваат како урамнотежени.

Податоците за девизните резерви во јануари покажуваат раст, што во најголем дел се должи на трансакциите за сметка на државата како резултат на издавањето на шестата еврообврзница на меѓународните финансиски пазари. Овие движења кај девизните резерви главно се во рамки на очекувањата, така што показателите на адекватноста на девизните резерви и натаму се движат во сигурната зона. Во отсуство на понови податоци за билансот на плаќања за 2017 година, и понатаму останува констатацијата за можност за остварување помал дефицит на тековната сметка и нешто пониски нето-приливи во финансиската сметка од очекуваните.

Во однос на монетарните движења, на крајот на 2017 година депозитните и кредитните агрегати забележаа солиден раст, којшто на годишна основа изнесуваше 5,2% и 5,7%, соодветно и ги надмина очекувањата. Притоа, на кредитниот пазар беше забележано и одредено забрзување кај кредитирањето на корпоративниот сектор. Остварувањата кај кредитната активност соодветствуваат со резултатите од Анкетата за кредитна активност, коишто укажуваат на раст на побарувачката на кредити и натамошно олеснување на кредитните услови. Првичните монетарни податоци за јануари упатуваат на месечно намалување и на депозитите и на кредитите, што претставува очекувано и вообичаено поместување, и засега не се очекува отстапување на движењата на овие агрегати од проекциите.