nbrm-logo-pocetna

Народната банка на Република Македонија (НБРМ), во соработка со Комитетот за возобновување на Бретон Вудс од Париз, Франција  (The Reinventing Bretton Woods Committee – RBWC) организира меѓународна конференција на којашто фокусот на учесниците ќе се насочи кон најновите трендови и предизвици во врска со монетарната политика, финансиската стабилност и управувањето со финансиските средства во целина.

Конференцијата ќе се одржи на 16-ти февруари оваа година во Мериот хотел во Скопје.

Целта на Конференцијата е да се оценат тековната состојба и идните изгледи на глобалната економија и во тој контекст, да се открие со кои предизвици се соочуваат централните банки при остварувањето на нивните цели за одржување на ценовната и на финансиската стабилност.

Вниманието на Конференцијата ќе се насочи кон посткризните движења на финансиските пазари во развиените и во економиите во развој, отпорноста на финансискиот систем и промените во регулативата од страна на централните банки. Дискусиите во текот на Конференцијата ќе се обидат да дадат одговор на тоа како реагираа и се позиционираа раководителите на финансиски средства во услови на спротивна поставеност на монетарните политики на глобалните централни банки и како се подготвуваат овој тип инвеститори за постепено усогласување на монетарните политики. Исто така, на Конференцијата се предвидуваат и дискусии околу идната интеграција на земјите од Југоисточна Европа, со осврт на досегашните постигнувања и идните предизвици пред овие економии.

Конференцијата е наменета за претставници на централните банки, меѓународните финансиски институции, глобалните банки и домашните финансиски и инвестициски институции. На конференцијата се очекува присуство на високи претставници на релевантни меѓународни финансиски институции, академскиот свет и глобалните банки, како и гувернери на централните банки, што ќе овозможи плодотворни дискусии и размена на искуства на сите учесници.