nane

Фото: Pixabay

Нането е едно од најпознатите лековити растенија коешто расте на нашето поднебје. Стеблото на нането расте до 70 сантиметри и има разгранети зелени листови.

Нутритивно е богато со многу витамини и минерали. Во традиционалната медицина се користи како природен лек против дигестивни тегоби, болки во желудникот, подуеност и грчеви во стомакот. За да се зголеми неговата ефикасност, кон чајот од нане се додава анис, камилица или цимет. Чајот од нане помага за одржување на правилна функцијата на црниот дроб и жолчката, а успешно делува и во битката против несоницата.

Иако повеќето луѓе користат мала количина на билки при готвењето, нутритивните бенефиции на нането и другите билки можат многу да придонесат за квалитетот на храната што ја јадете, а со него може да подготвите и освежителен пијалак за летните горештини.

Подгответе домашен сируп од нане за кој ви се потребни неколку состојки. Домашниот сируп за природен сок од нане ќе ве освежува цело лето.

  • Литар вода
  • 3 чаши листови од нане
  • 3 чаши шеќер

Ставете ја водата во тенџере и додадете ги шеќерот и нането. Варете го додека шеќерот не се стопи и мешајте уште една минута. Оставете го сирупот да се олади околу 30 минути. Исцедете ја содржината и сипете ја во стерилизиран стаклен сад. Може да го растворате со минерална и обична вода, а сирупот може да го користите за подготовка на разни коктели. Уживајте и освежувајте се летово со природниот сок од нане.