kukja

Фото: Pixabay

Решавање на станбеното прашање е едно од најважните прашања во животот на секој човек. Доколку имате потреба од сопствен покрив над главата, а немате доволно финансиски средства, во тој случај потребен ви е станбен кредит.

Овој кредит е долгорочен кредит со точно утврдена намена – купување, изградба, опремување или адаптирање на просторот за живеење.

По потрошувачките, станбените кредити се меѓу најважните и најчесто бараните во банките. Она што ги одликува овие кредити е долгиот рок на којшто се одобруваат – од 10 до 30 години, како и високиот износ што се врзува со вредноста на имотот и кредитната способност на кредитобарателот.

Услови за одобрување на кредитот

Поради големиот износ што го одобрува, банката е исклучително претпазлива и го одобрува кредитот во зависност од вредноста на имотот што се задолжува и од кредитната способност на кредитобарателот. Во предвид, исто така, се зема и возрасната граница на кредитобарателот, како и неговата финансиска дисциплина. При ваков кредит, задолжително кредитобарателот мора да одвои одреден процент од вкупната вредност на кредитот во форма на учество.

Апликација за барање на кредит

Во апликацијата се пополнуваат личните податоци на кредитобарателот, како и податоци за вработувањето и неговата имотно – финансиска состојба. Често пати, се случува кај овој кредит да се појават и ко – кредитобаратели, па од таа причина потребни се и нивните податоци во апликацијата за барање на кредит.

Потребни документи

Задолжителни документи при аплицирање за станбен кредит се: фотокопија од личен документ на кредитобарателот и ко – кредитобарателите, имотен лист за недвижниот имот што се нуди како обезбедување, преддоговор за купопродажба на недвижниот имот или спецификација на потребните средства за реновирање или целокупна документација за изградба на недвижен имот, полиса за осигурување на заложениот имот…

Износ, камата, грејс период

Износот на овој кредит најчесто надминува 5.000 евра и зависи од недвижниот имот што се купува, гради или реновира. Поради долгорочноста, каматните стапки се пониски и фиксни во првите три години од отплата на кредитот. Некои од банките нудат можност и за грејс период. Во тој период се пресметува и наплатува само интеркаларна каматна стапка (овој вид на камата се пресметува од денот на користење на средствата до денот на ставање на кредитот во отплата по каматна стапка еднаква на каматната стапка на кредитот).

Обезбедување

Еден од клучните елементи за одобрување на овој кредит е хипотеката што се заложува за да се одобри станбениот кредит. Вредноста на хипотеката зафаќа одреден процент од износот на кредитот, во зависност од условите во кои се наоѓа објектот. Како инструмент за обезбедување се јавува и меницата.

Трошоци

Банката на корисникот на станбен кредит му наплаќа: трошоци за апликација, административни трошоци, трошоци за проценка и верификација на имотот, трошоци за осигурување на имотот што се заложува, нотарски трошоци…

Трошоци за предвремена отплата

И кај овој вид на кредити, банките најчесто не наплаќаат провизија доколку клиентот предвреме го уплатува својот долг.

email