13681054_558689987651946_6942559924154133319_nКарлос Перез, Томас Мата Мартинез, интернационални експерти и консултанти

Минатата недела, во Hub Скопје, преку SECO Entrepreneurship Program, имплементирана од Swisscontact, во соработка со македонскиот старт – ап Brainster, гости говорници беа интернационалните експерти Карлос Перез и Томас Мата Мартинез од Шпанија. Тие зборуваа за тоа како да се поттикнат медиумите да покријат повеќе старт – ап приказни, да промовираат позитивни пораки за претприемништво и со тоа да генерираат интерес кај потенцијалните учесници во програмите на екосистемот.

Карлос Перез

Карлос Перез има 25-годишно искуство како извршен менаџер и консултант. Неговиот фокус на работење е насочен кон правење стратегии, процеси на донесување одлуки, лидерство, монетизација, бизнис модели и маркетинг. Перез има добро познавање на онлајн рекламирање и маркетинг, социјални медиуми, дигитален маркетинг и друго. Тој има работено за повеќе компании вклучувајќи ги Haymarket Media Group, Independent, Axel Springer, RBA Revistas, beFRESCO, сите со седиште во Барселона, Шпанија. Моментално е партнер во Galactinet, водечка блогерска мрежа во земјата, каде работи како стратег за социјални медиуми и во развојот на контент маркетингот, и во Besided, компанија што се занимава со консултантски услуги од областа на технологија, дигитализација и иновација.

БИ: Сте работеле како извршен менаџер и консултант во повеќе компании и според досегашното ваше искуство имате што да раскажете. На кој начин успевате да им го пренесете на луѓето она што го знаете, како го задржувате нивното внимание?

Ќе ја резимирам формулата што ја користам цело време – страст, методологија, увид, пракса и слобода.

Страст: Никогаш не се обидувам да споделам знаење ако не чувствувам страст кон истото (некој друг тоа ќе го направи многу подобро од мене). Ако чувствувате страст за нешто, лесно е да ја споделите: таа е како заразна болест.

Методологија: Клучно е да се објаснат фактите, концептот и идеите на добро структуиран начин и прилагодени на вашата публика, вработените или колегите. Користете примери, колку повеќе, толку подобро.

Увид: Секогаш се обидувам да објаснам зошто, и им помагам на другите да проникнат во фактите и самите да го изведат заклучокот. Кога ќе разберете зошто, ќе го сфатите и што и со која цел.

Пракса и Слобода: Ги охрабрувам луѓето да започнат со пракса, да ги адаптираат идеите кон нивните гледишта и желби и им ја давам слободата да одлучуваат, да направат грешки и да учат, без притоа да им судам или обесхрабрувам: На секој му е потребна пракса, а нема пракса без грешки.

Вистинските лекции доаѓаат од лично искуство и експериментирање и што е уште поважно, вистинската иновација и напредок доаѓаат од лично искуство и експериментирање. Ајде да ги покажеме основните принципи, да ги поттикнеме длабинските анализи, да ги споделиме алатките и да дозволиме и другите да напредуваат.

БИ: Колку луѓето денес се подготвени да прифатат нешто ново? Дали младите се понаклонети кон иновирање?

Секое дете е претприемач уште од една година. Сите добиваме образование што ги става правилата и протоколите над сè, но за среќа тоа може да се смени. Ни требаат помалку следбеници и повеќе лидери: новата генерација ќе треба да го води човештвото кон подобар начин за производство и дистрибуција на богатство. Ова е веројатно најголемиот предизвик со којшто човештвото се има соочено. Образованието е секаде под ревизија и се обидуваме да најдеме начини коишто ќе им помогнат на децата да пораснат без да ја изгубат својата вродена дарба и желба за креирање и иновирање.

БИ: Како експерт за социјални медиуми, како претприемачите можат да ги искористат истите за градење на бизнис?

Има толку многу начини на коишто претприемачите можат да ги користат социјалните медиуми, но има едно нешто што сите треба да го имаме на ум: нè има 7,4 милијарди и вревата што се создава од сите нас додека зборуваме е неподнослива, таа истовремено нè потсетува и ни дава до знаење колку сме малечки. Токму затоа ни треба фидбек од другите да бидеме сигурни дека нашиот живот е важен. Дека сите ние сме важни. Селфи фотографиите се површен израз на оваа потреба, но нивото на нивната популарност ни покажува колку на сите ни е важно истото. Затоа мојата препорака е ако сакате некој да ве слушне, прво послушајте го вие него/неа, искрено и внимателно. Мислете на вашата комуникација како што размислувате за развојот на вашиот производ што треба да води до успешен старт – ап: Применете ги оние принципи со коишто производот и пазарот си одговараат.

Томас Мата Мартинез

Томас Мата Мартинез е медиумски консултант и претприемач. Тој е основач и извршен директор на Oasis/RBA Revistas со седиште во Барселона, Шпанија, каде има работено 13 години. Мата бил исто така основач и извршен директор во издавачките куќи Publicaciones de Alta Gama и RBA Libros, двете со седиште во Барселона. Од 2008 година работи како медиумски консултант во неговата компанија Tomás Mata Media Consulting, којашто се наоѓа во Лондон, Англија.

Мата има богато новинарско искуство и одлично познавање на издавачката индустрија. Како консултант од оваа област, тој ги советува своите клиенти во врска со комуникациски стратегии, креирање на содржина и тимска работа за дигитални медиуми или рекламните агенции. Тој има и свои проекти на интернет, како и учествувано во неколку стартапи, а од неодамна држи обуки и работи како ментор на млади претприемачи.

13697216_558689904318621_6548257798243874248_n

БИ: Од ваше лично искуство, колку е важно соодветното пласирање на информацијата на медиумите, слободата на говорот и содржината што се презентира?

Пред 50 години, неколку прочитани весници и списанија, проследени вести на телевизија, радио, беа доволни за некој да се смета дека е добро информирана личност. Денес количеството на дигитална содржина генерирана дневно е значително поголема и е практично невозможно да се види сè што е достапно. Затоа човечката реакција е двонасочна: прво да ги забележиме најинтересните содржини и второ, да обрнеме внимание на оние извори на информација што ги сметаме за веродостојни и со коишто можеме ние и нашата генерација да се идентификуваме. Димензијата на големиот медиумски звучник станува сè помалку важна од причина што луѓето, првенствено младите, ги ставаат своите слушалки и го слушаат само тоа што им се допаѓа и што според нив е веродостојно. Така содржините што се базирани врз основа на веродостојни контрастни информации, денес сè повеќе вреднувани од разни иделогии и останати интереси, како што било некогаш. Дури во земји каде законот се обидува да ја ограничи слободата на изразување е многу тешко тоа да го постигне со слободата на слушање, од причина што денес има толку многу канали низ кои информациите и вистинските приказни можат да излезат на виделина. Во денешно време секој што носи мобилен телефон е извор на содржина.

БИ: Како медиумите можат да им помогнат на стартапите во нивниот развој?

Треба да бидеме свесни за фактот дека денес медиумите се поделени според возрасни граници. Весниците, списанијата, радиото и телевизијата, повеќе ги користат луѓето над 50 години, додека младите ги читаат вестите онлајн на социјалните медиуми или преку нивните паметни телефони. Токму затоа сметам дека стартапите и младите новинари не треба да губат многу време обидувајќи се да добијат внимание и простор во старите медиуми. Наместо тоа треба да ја фокусираат нивната енергија во создавање на нивна содржина и нивни онлајн канали преку постојана, сериозна и многу креативна работа. Со тоа тие ќе генерираат заедништво, веродостојност и директна конверзација со нивната публика. За да можат да опстанат, традиционалните медиуми треба да им дадат пристап и глас на интересите на новите генерации.

БИ: Според вас, кој е најдобриот начин да се промовира една успешна приказна, успешен старт – ап и кој е клучниот елемент за луѓето да ја видат вистинската вредност на информацијата?

Луѓето имаат вроден интерес за приказни што третираат универзални човечки вредности: радост и болка, страв и потреба за безбедност, подеми и падови, предизвикот да се преживее и надеж за подобар живот. Овие вредности ги надминуваат границите и културите и се длабоко човечни. Секоја ноќ низ целиот свет дечињата велат “раскажи ми приказна”. Ја споредувам траекторијата на личноста со претприемачки карактер или старт – ап со патеката на херојот во традиционалните легенди што ги има во сите култури. Приказната за херојот или хероината секогаш започнува со ситуација каде тој/таа го предизвикува она што е статус кво и го чувствува повикот на авантурата. Честопати со помош од некој мудрец или мал тим, тие започнуваат патување кон непозната територија каде мора да се надминат сите пречки, предизвици и кризи. Хероите на крај го наоѓаат богатството или ја завршуваат мисијата, по што се враќаат од каде што дошле, променети, обновени со искуство што ги поттикнува да започнат нови авантури.

Токму поради ова мислам дека не е доволно само да се објаснат успешните старт – ап приказни. Публиката може да се идентификува и повеќе да ги цени претприемачите ако ја кажеме вистината: нивните предизвици и откритија, подемите и падовите, односно од што се состои еден старт – ап во реалниот живот. Овие приказни ни помагаат да разбереме дека ако не успееме со некој проект, нема потреба да се срамиме. Општеството треба да ја цени вредноста на луѓето кои имале смелост да се обидат. Новости од овој тип ги охрабруваат читачите да ги разберат и развијат сопствените иницијативи и да се обидат да го подобрат светот во којшто живеат, без разлика колку се тешки околностите. Клучниот фактор е да се разбере дека претприемачите се истрајни, вредни и храбри луѓе кои не се плашат од неуспех и ќе продолжат да се обидуваат додека не успеат.

email