novaм-р Тодор Стојчевски, сопственик на Агенција за односи со јавност Чептер 4 Македонија

Aгенцијата за односи со јавност Chapter 4 (Чептер фор) во Македонија работи веќе пет години, период во кој остави трага на оваа нова професија. По тој повод разговаравме со нејзиниот сопственик, м-р Тодор Стојчевски.

БИ: Пет години раководите со Агенција за односи со јавност Чептер 4 Македонија. Претходно, повеќе од десет години се етаблиравте во новинарската професија како новинар и уредник. Како дојде до промена од новинарство во ПР?

Иако времето е релативна категорија, сепак присуството на австриската агенција за односи со јавност Chapter 4 (Чептер фор) во Македонија, остава трага на оваа нова професија. Изминативе пет години, на урбан и специфичен начин, влијаеме на клиентите, на студентите, на колегите, на општеството. Секако, влијанието е и обратно – секојдневно, во нашата комуникација со овие стратешки партнери, го менуваме нашето размислување и работење за професијата.

Бидејќи сè се менува, така непосредно и неочекувано, во 2011 година јас ја променив професијата. Како новинар, исклучиво во печатени медиуми и интернет портали, работев повеќе од 12 години, веднаш по завршување на студиите по новинарство. Дел од ова медиумско време бев и уредник на одредени списанија. Накратко, бев и директор на еден медиум со што, на некој начин, ги поминав скалилата на новинарската професија.

Сепак, во еден момент, кај мене се јави потреба од промена. Понудата за промена дојде ненадејно, од мој драг пријател, бизнисмен. Тој ја стартуваше приказната на Чептер 4 во Македонија од бизнис аспект, јас ја продолжив од професионален аспект. И денес приказната е целосна – Чептер 4 одбележува пет години од своето професионално функционирање на македонскиот пазар.

БИ: Од оваа дистанца, дали згрешивте со трансферот со професијата?

Не велам дека згрешив, иако честопати си го поставувам прашањето „Што и каде ќе работев сега доколку бев во новинарските води?“. Одговорот никој не го знае, но јас знам дека иако директно не придонесувам во развојот на професијата новинарство, индиректно, преку моите активности, ја следам оваа професија и постојано соработувам со моите драги колеги – новинари.

Односите со јавност, во еден свој дел, се повикани и многу често комуницираат со медиумите. Имаме заедничка основна нишка – комуникација (менаџирање) со информации. Едноставно, ние помагаме на медиумите, но и на клиентот, одредена информација која во себе има вредност, да „пристигне“ до посакуваните целни групи. Односите со јавноста користат разни алатки во комуникацијата со новинарите и затоа многу лесно се прави трансфер од новинарство во односи со јавност.

БИ: Што претставува водење на меѓународна агенција во Македонија? Може ли да ни кажете за вашето искуство, предности и маани?

Да се работи во меѓународна агенција, посебно лоцирана во Југоисточна Европа, е интересен предизвик. Тоа значи дека постојано се наоѓате во средината меѓу европските вредности и познавања на Односите со јавноста (кон кои тежнееме) и македонските спознавања на оваа професија. Професијата поинаку се „поима“, се разбира и практикува во Македонија во однос на она што го работат колегите од Европа. Сепак, сите сме на различен степен на развој и како држави и како професии.

Како агенција се обидуваме, најчесто и успеваме, да ги инкорпорираме и употребиме сите алатки што ги нуди нашата професија, затоа што, во нашето портфолио, дел од компаниите се меѓународни, светски, ентитети кои бараат да се работи по светски стандарди. Македонските компании имаат свои барања и специфични алатки за комуникација со таргет групите.

Секако, постојат и „маани“ во секоја професија, но нели поводот за ова интервју е убав и не би сакал да зборуваме за недостатоците. Ова не значи дека ги игнорираме или „ставаме под тепих“, но јасно е дека ги дијагностицираме и соодветно ги лекуваме сите маани.

t4

БИ: Со какви сè предизвици се соочивте во изминативе пет години?

Првите неколку години, секоја компанија се бори со опстојување на пазарот и наоѓање свое место под Сонцето. Ние веќе сме во втора фаза на развој – етаблирање. Искрено, како прв човек на компанијата, задоволен сум од она со што се соочивме во изминативе пет години. Прво, имаме сериозна листа на клиенти со кои сме соработувале. Тоа значи многу успешно реализирани проекти. Второ, имаме база на соработници и добра професионална екипа која може да се соочи со предизвиците на секој клиент. Трето, имаме меѓународна експертиза и поддршка од ПР експерти од десетина европски држави каде сме лоцирани како компанија, односно поддршка од светски експерти кои работат со нас во однос на многу клиенти. Четврто, имаме одлични релации со новинарите и со медиумите, нешто што дава основа за добар развој. Петто, сè повеќе се етаблираме во дејноста и пошироко, како и во професионалните здруженија кои работат на развојот на професијата. Шесто, полека, но сигурно, ќе работиме на усогласување на цените што ги нудиме на пазарот како претставници на професијата Односи со јавноста. Не е дозволено сами да си го уриваме пазарот, односно да создаваме нелојална конкуренција. Секако, цените ќе се коригираат само со подобрување на професионалните стандарди по кои работиме сите во професијата. Седмо, задолжително е да се пристапи кон интегрирани комуникации во име на клиентот и следење на современите трендови на комуникација во светски рамки.

БИ: Кои се вашите идни планови за Чептер 4?

Бидејќи работиме во „жива“ професија, нормално е да сме проактивни. Чептер 4 се прилагодува и функционира во согласност со развојот и потребите на клиентите, односно професијата. Секако, ќе растеме и ќе се развиваме, најмногу преку професионален раст на вработените и соработниците. Без да му го дадете вистинското признание на колегата, не постои основа за успех. Паричниот тек не е единственото мерило за успешна компанија. Сепак, говориме за создавање брендови со материјална и емотивна нота. Не е многу важно колку компјутери или флип чарт табли имаме во канцелариите, на какви маси работиме и што возиме, туку посветуваме внимание и на емотивното препознавање и брендирање на Чептер 4 во Македонија, но и пошироко.

Верувам во „животниот циклус“ на една компанија која, според мене, е пандан на животот на еден човек. Се раѓа, расте и умира. Ние се „родивме и проодевме“. Како компанија веќе се подготвуваме за трчање и сите идни планови се врзани со исполнување на предусловите за трчање на долги патеки. Од нас зависи како и колку долго ќе трчаме, односно кога ќе почнеме да покажуваме знаци на стареење.

Chapter4-Logo_2014-580x133

БИ: Може ли во Македонија да се говори за професија Односи со јавност? Имаме ли подготвен кадар, факултетско образование, пракса?

Повод за интервјуто е пет години од постоење на мојата агенција за односи со јавност. Ако Ви кажам дека во земјава првата агенција за односи со јавност е отворена пред 20-тина години, секако дека ќе констатираме дека може да говориме за оваа професија. Исто така, пред неколку години, формиравме специјализирано Здружение за односи со јавност (ЗОЈМ), кое во моментов не е активно. Македонија има подготвен професионален кадар кој ја извршува функцијата на професијата. Имаме факултети кои сè повеќе и повеќе продуцираат дипломиран кадар, кој постојано е на пракса во одредена компанија (го совладува корпоративниот ПР) или во агенција (работи на агенциски ПР). Значи, основите се создадени. Постојат и преведувачки куќи кои преведуваат странска литература или издавачки претпријатија, кои издаваат соодветна литература.

Идејата на професијата Односи со јавност е да пронајдеш инвентивен начин да ја пренесеш својата порака до твојата таргет група. Тргнувајќи од оваа премиса, како менаџер на Чептер 4, одлучив да не правам стандардна, роденденска забава со торта и пијалоци, туку буџетот што го предвидов за роденден го наменив за поддршка на една многу интересна книга, „Тајните на светските ПР експерти“, издание на компанијата Pworld и нејзиниот сопственик, Коста Петров. Со ова, всушност, исполнуваме едно ветување и еден дел од нашата мисија, а тоа е поддршка на професијата и едукација на нашите колеги, стручни лица, со најновите трендови од светската пракса. Тоа е книга која треба да ја има секој во својата библиотека, затоа што е сублимат од практични искуства на 10 актуелни светски гуруа во Односите со јавноста. Само преку размена на теоретски знаења и практични искуства на нашите и светските професионалци ќе го подигнеме професионалното ниво на Односите со јавноста во Македонија.

email