1Карина Барнхолт Клепер, истражувач и советник во Nordic Energy Research

Д-р Клепер е висок советник во Nordic Energy Research, платформа за истражување на енергија и развој во рамките на Нордискиот совет на министри. Д-р Клепер работи на енергетски истражувачки програми за обновлива енергија во нордиските и балтичките земји, како и во рамките на иницијативата на ЕУ, ERA-NET Smart Grids Plus.

Д-р Клепер, како говорник на Самитот Македонија 2025, ќе зборува за стратегијата што ја спроведе нордискиот регион во имплементација на обновливи извори на енергија и економските придобивки од воведување на чисти технологии.

БИ: Која е мисијата и визијата на Nordic Energy Research, како составен дел од Нордискиот министерски совет?

Нордик Енерџи Рисерч е платформа за кооперативно истражување за енергетика и развој на политики на интервладиното тело составено од Данска, Финска, Исланд, Норвешка и Шведска.

Нордиските земји имаат амбициозен план за намалување на нивното влијание врз животната средина, како и на зависноста од фосилни горива, додека во исто време работат кон создавање на индустриски раст што се заснова на зелени технологии. Нордик Енерџи Рисерч финансира истражувања посветени на заедничките нордиски интереси кои ја поддржуваат оваа амбиција преку ширење знаење за одржливи енергии и придонесување кон развојот на нови, компетитивни енергетски решенија. Нордик Енерџи Рисерч исто така придонесува во креирањето политики и спроведува анализи како Извештајот за идејни нордиски енергетски технологии. Резултатите од овие анализи и последователните препораки целат кон давање поддршка на владите на нордиските земји во постигнување на договори и национални политики што се потребни за да се осигура иднина која е одржлива.

БИ: Кој е најголемиот предизвик во префрлањето кон одржливи енергии: генерирање на електричната енергија или транспортот?

Во нордиските земји имаме успех во генерирање електрична енергија со помош на обновливи ресурси и сме на добар пат да ги постигнеме целите препорачани за 2050 година за намалување на CO2 емисии. Во секој случај, превозниот сектор е одговорен за 40% од издувните гасови во нордиските земји во моментов.

Според препораките од Извештајот за идејни нордиски енергетски технологии, целокупниот износ на издувни гасови во урбаните средини треба да се скрати за 35% за да ја постигнеме целта за намалување на емисиите до 2050. На пример, 60% од приватните автомобили треба да се конвертираат на електричен погон. Денес само 2,6% од приватните автомобили во Норвешка се електрични возила (вклучувајќи хибриден и хидрогенски погон), а оваа земја е водечка во Европа со бројот на такви возила. Според тоа, транспортниот сектор е најголемиот предизвик за иднината.

БИ: Која е најголемата бариера во префрлањето кон обновлива енергија: технологијата, трошокот, политиката или социјалните навики?

Најголемиот предизвик во нордискиот регион се наоѓа во транспортниот сектор. Во поглед на приватниот превоз, има одредени предизвици во цената на возилата, како и технолошкиот развој на батерии што имаат доволна моќ и век на траење. Промената кон електрични возила во овој сектор многу зависи од даночните олеснувања за сопствениците на такви возила наспроти возила што возат на бензин/нафта. Политиките што треба да се усвојат треба да гарантираат заеднички и пристапен систем за полнење на батериите.

Во однос на превоз на стока на долги релации, имаме потреба од уште побрз развој на нови технологии, особено на биогорива, кои ќе ја забрзаат замената на фосилните горива од овој сектор.

БИ: Колку е важно пан-европското поврзување на пазарот за електрична енергија за нордиските земји, во остварувањето на целта за независност од нафтени горива?

Да се постигне максимално искористување на варијабилните извори на обновлива енергија, варијациите во снабдувањето мора да биде избалансирано преку поврзување на дистрибутивната мрежа и поголемите пазари и/или станици за складирање на енергија. Развојот на технологијата за каптирање и складирање на нафтени горива (Carbon Capture and Storage – CCS) и технологијата за транспорт и производство на биомаса, се исто така активности што треба да се развиваат во соработка со остатокот од Европа. Инаку, целта за ослободување од зависноста од нафтени горива нема да биде достижна. Благодарение на добро мрежно поврзување може да се намали потребата на поединечните земји за скапото одржување на резерви на енергија и горива, со цел да се балансираат промените во снабдувањето и доставата. Таквата соработка би довела до зголемување на приходите од извоз на земјите учеснички.

thumbnail_nordic_energy_research

БИ: Колку е важна улогата на оданочувањето на CO2 во поттикнување на развој на обновливи извори во нордиските земји?

Зголемувањето на цените на нафтата и даноците на CO2 ја помагаат промената кон обновливи извори како биомаса и ја прават истата економски изводлива и одржлива. Особено во Шведска, има масовен пораст во користењето на биогорива за произведување на топлинска енергија, што дојде како резултат на студените зими и оданочување на CO2 во индустријата.

БИ: Што може да научи Македонија од нордиските земји за префрлањето кон обновливи енергии?

Меѓусебната доверба во регионалната соработка и долгорочното планирање ја сочинуваат основата во успесите на нордиските земји, во тоа што тие предничат во транзицијата кон општество што е независно од фосилни горива. Важно е да се истражат заедничките точки на интерес и да се развие соработка според нив. Развојот на таквата соработка може да одземе многу време, но е суштински во работењето кон одржлива иднина.

email