1

InPlayer, македонско – британска компанија која има развиено своја платформа за монетизација и им помага на многу светски компании во монетизирање на нивните дигитални содржини, официјално ја најави добиената инвестиција вредна 500.000 фунти од регионалниот инвестицискиот фонд South Central Ventures (SCV).

По тој повод, денеска се одржa свечен настан во новоотворените канцеларии на InPlayer. Канцелариите се наоѓаат во строгиот центар на Скопје, во бизнис центарот Челси. Во Скопје се наоѓа и топ менаџмент тимот, оперативниот директор Ненад Чубриновски и техничкиот директор Филип Димчевски, додека извршниот директор Џорџ Мик и управниот одбор на компанијата е во Лондон.

InPlayer Македонија моментално управува со тим од 35 вработени и ги опслужува најголемите медиумски и софтверски компании во светот. Од нивното богато портфолио на клиенти, соработници и партнери, може да ги издвоиме: FilmBox, Massive Interactive, Pageant Media, Livestream, Ooyala и JW Player, стои во соопштението.

2

Mисијата на InPlayer е да им помага на своите клиенти во дистрибуција и монетизација на нивните дигитални содржини. Многубројните успеси на компанијата најмногу се должат на постојаното вложување во нови технологии и секако нови луѓе, кои се посветени на тоа што го работат и секогаш спремни за нов предизвик даден од клиент.

“InPlayer е воодушевен што ќе работи со SCV. Во моментов имаме тим од 35 вработени и очекуваме тоа двојно да се зголеми во текот на следните 12 месеци. SCV ќе овозможи InPlayer да го продолжи својот раст ширум светот. Македонија е клучна за иднината на нашиот бизнис и имаме среќа да ги привлечеме одличните таленти кои живеат тука”, вели Џорџ Мик, извршен директор на InPlayer.
Со оваа инвестиција се очекува до крајот на 2017 InPlayer да брои 50 вработени, а до крајот на 2018 дополнителни 50 вработувања. Листата на отворени позиции во InPlayer, може да ја погледнете на следниот линк: http://inplayer.applytojob.com/apply

“Ние сме возбудени што ќе работиме со тимот на InPlayer и ќе ги поддржиме понатаму во нивниот раст и зголемување на нивното портфолио на клиенти. Монетизацијата на дигитални содржини е дефинитивно една од најатрактивните области во бизнисот и јас навистина верувам дека InPlayer со нивната напредна платформа за монетизација, како и својот искусен и посветен тим е добро позициониниран да стане еден од најдобрите играчи на пазарот”, вели Татјана Забасу, партнер во SCV.

SCV е фонд за ризичен капитал кој располага со 40 милиони евра за инвестирање во иновативни компании од Балканот. Фондот функционира од своите канцеларии во Загреб, Белград и Скопје и досега има инвестирано во девет компании во регионот. Првата инвестиција беше во висина од 300.000 евра за новосадската софтверска платформа за алатки за програмери Drytools, потоа беа доделени 700.000 евра на City Expert, српски старт – ап за успешно воведување иновации на пазарот на недвижности. Инвестиција од еден милион евра доби и хрватскиот старт – ап за напредни агротехнолошки софтверски решенија Agrivi, а следна инвестиција беше во српскиот старт – ап WorkPuls. По нив, следеше инвестиција од 100.000 евра во македонскиот старт – ап Letz, компјутерска програма којашто им помага на корисниците во извршување на дневните задачи за зголемување на продуктивноста. Следно, инвестираше два милиони евра во хрватскиот старт – ап Bulb Technologies, потоа вложи 500.000 долари во македонско – британскиот старт – ап Cognism и еден милион евра во српскиот старт – ап Cube.

email