allweb

Шестото по ред издание на единствената конференција која во фокусот ги има маркетингот и дигиталните комуникации ќе се одржи на 17 ноември во Скопје. AllWeb, како и секоја година претходно, ќе биде местото каде ќе се разговара за иднината и предизвиците во дигиталниот маркетинг, креирањето на содржина и е-трговија.

Дарко Булдиоски, програмски директор на конференцијата, вели: “AllWeb и годинава ќе понуди квалитетни и инспиративни говорници. Отвораме нова голема и многу важна тема: е-трговија и преку неа и останатите теми ќе се обидеме на компаниите да им одговориме како најдобро да пливаат во денешното сложено маркетинг опкружување каде Интернетот сè повеќе доминира“.

Говорниците се веќе потврдени, но засега откриваат само дел: Хајмо Хамер од Kraftwerk или како што го нарекуваат “Австрискиот господин дигитал“ за прв пат ќе застане пред македонска публика. Има работено на повеќе од 2.000 кампањи за огласување и на повеќе од 2.500 дигитални проекти за клиенти како Coca-Cola, Redbull, Unicredit, Lufthansa, Domino’s Pizza, Opel и др. Доаѓа и Матеј Лончарич од Joomboos, кој ќе зборува за тоа како да создадете и да работите со YouTube ѕвезди. На барање на публиката, AllWeb на сцена го враќа и легендарниот Шкотланѓанец Дејв Бирс, со неговите најнови проекти openforideas.org и rightthinking.co.

“И оваа година ќе имаме 15-тина говорници на сцена, чиишто имиња ќе ги претставиме во наредниот период“, додава Булдиоски. “За публиката можеби најважно е дека од денес почнува продажбата на влезници по супер специјална цена, во ограничен број и истите се достапни само онлајн на allweb.mk“.

Во публиката оваа година покрај луѓето од сферата на маркетингот ќе се вклучат и луѓето кои се занимаваат со е-трговија, но не само тие. Темите на AllWeb секогаш се избираат за да привлечат внимание и кај извршните директори и генералните менаџери, но и кај сите кои сакаат својот бизнис да го развиваат во склад со најновите светски трендови, стои во соопштението.

Сите информации за содржината на конференцијата и говорниците редовно ќе бидат дополнувани на allweb.mk.

email