11

Фото: Pixabay

Бенчмарк е збор од англиско потекло (benchmark) којшто значи стандард или референтна вредност со којашто може да се прават различни споредби.

Бенчмаркингот во економска смисла е постапка со којашто одредена компанија ги анализира своите активности, процеси, производи, трошоци… со оние на компанија којашто е успешна и може да послужи како репер во работењето. Бенчмаркингот е системски пристап со којшто компанијата се залага за унапредување и подобрување на своето работење, споредувајќи ги своите перформанси со најдобрите од истата дејност. Целта на бенчмаркингот е подобрување на начинот на којшто функционира компанијата, поставување нови стандарди што ќе придонесат компанијата сама да се издвои од конкуренцијата.

Видови бенчмаркинг

Во праксата постојат неколку видови на бенчмаркинг, а секој од нив е дефиниран од целите и причините што се истражуваат.

Интерен бенчмаркинг

Интерниот или внатрешен бенчмаркинг најчесто го користат големи компании коишто имаат сложена организациона структура. Во компаниите од ваков вид може да се сретнат слични процеси или функции во различни организациони единици. Целта на внатрешниот бенчмаркинг е споредување на интерните операции за да се дефинираат интерните стандарди за мерење на перформансите на компанијата.

Конкурентен бенчмаркинг

За разлика од интерниот, за овој вид на бенчмаркинг за споредба се земаат процесите и активностите на слични или идентични организации. Целта е да се направи споредба на ист пазар меѓу компании коишто имаат конкурентни производи, услуги или начин на работа. Преку овој бенчмаркинг, компанијата може да направи полесно позиционирање на пазарот, анализирајќи ја најсилната конкуренција. Главен недостаток кај овој вид на анализа е недоволниот број и обем на информации за конкурентните за да може да се направи споредбата.

Функционален бенчмаркинг

Фокусот на овој процес на споредба се најдобрите процеси на работа, односно специфични функции во организациите. Некои функции кај некои компании се исти и покрај различните дејности што ги извршуваат. Во предвид се земаат активности или функции во една организација, а целта е да се идентификува “идеално однесување“ што ќе донесе ефект на долг рок.

Генерички маркетинг

Генеричкиот е сличен со функционалниот бенчмаркинг. Разликата е во тоа што во овој случај се споредуваат компании коишто се наоѓаат во сродни индустриски гранки. Терминот “генерички“ асоцира на нешто што нема позната марка, туку што е многу поврзано со идејата да се фокусира на најдобрите производни процеси, одошто на деловната пракса во одредена организација.

Чекори за спроведување бенчмаркинг

Постојат пет основни чекори што треба да се спроведат за да се реализира успешна споредба. Тие се: планирање, анализирање, интеграција, акција и зрелост. Најпрво се прави интерно проучување и подготовка на анализата на конкуренцијата. Потоа, потребно е развивање на долгорочна стратегија и формирање тим за бенчмаркинг. При спроведување на анализата, неопходно е идентификување на бенчмаркинг партнери, како и методи за собирање и анализирање на информациите.

Предности и недостатоци на бенчмаркингот

Анализирањето, флексибилност и отвореност кон промени се главните предности што ги носи овој процес. На тој начин компанијата се запознава себе и ги детерминира силните и слабите страни, се прави анализа на водечките компании, се користат најдобрите практики и се преземаат мерки за подобрување во секое време.

Како најчести недостатоци на бенчмаркингот може да бидат: застарување на најдоброто решение во процесот на имплементација; времето за бенчмаркинг понекогаш е подобро од времето што компанијата го има на располагање за решавање на одреден проблем; создава трошоци за компанијата; поголема концентрација на бенчмаркингот во компанијата може да значи загуба за основниот контакт со потрошувачите и слично.

email