berza-pixabay

Фото: Pixabay

Берза претставува специјализиран пазар на којшто се “среќаваат“ продавачи, купувачи и посредници (брокери). Тргување на овој вид пазари се врши според строго утврдени правила и законска регулатива.

Видови берзи

Како предмет на тргување на берзите може да бидат: производи, услуги, валути, хартии од вредност… На стоковите берзи се продаваат производи што задоволуваат одредени стандарди пропишани од берзата и во точно утврдена количина. Како најчести производи што се наоѓаат на продажба на берза во светот се: шеќер, житарки, памук, обоени метали и слично. Една од најпознатите трговски берзи е онаа во Њујорк, каде што се продава шеќер, житарки, волна, памук и метали, како и берзата во Лондон на којашто се тргува со шеќер, јута и каучук.

На девизните берзи предмет на тргување се девизи и валути. За разлика од стоковите, кај овие берзи понудата и побарувачката не е просторно сконцентрирана. Купувачи и продавачи на девизните берзи се големи банки од целиот свет коишто одржуваат постојана врска со берзата. Најзначајните девизни берзи се сместени во Њујорк, Франкфурт, Париз и Лондон.

Доколку предмет на тргување се хартиите од вредност, во тој случај станува збор еден од клучните играчи на пазарот на капитал. На оваа берза главни учесници се брокерите и трговците со акции, обврзници или други видови на хартии од вредност. Новоформирана или постоечка компанија којашто има потреба од основачки или дополнителен капитал, може да емитува акции и на тој начин да го собере потребниот износ на средства. Од друга страна, хартиите од вредност што котираат на берза може да значат алатка за оплодување на вложените пари од страна на инвеститорите (индивидуални или институционални).

Движењата на овие берзи, односно зголемување или намалување на прометот, пазарната капитализација и берзанските индекси даваат и длабински информации за состојбата во којашто се наоѓа економијата на земјата.

Берзански индекс

Берзанскиот индекс претставува алатка за мерење на промените на цените на група хартии од вредност. Во берзанската “кошница“ влегуваат акциите на најквалитетните компании, коишто мора да бидат репрезентативен примерок и да дадат јасна слика за движењата на пазарот.

Најпознати светски провајдери на берзански индекси се: Daw Jones, Standard and Poor’s, Morgan Staley и други.

Македонската берза го има индексот МБИ 10, во којшто влегуваат акциите на: Алкалоид, Стопанска банка АД Скопје, Гранит, Комерцијална банка, Макпетрол, Стопанска банка Битола, Македонски Телеком, Македонијатурист, НЛБ Тутунска банка и Скопски пазар.

Македонска берза

Македонската берза е основана на 13.09.1995 година, откако во домот на пратениците во Скопје се одржа Основачкото собрание на Македонска берза АД Скопје. Берзата беше основана како акционерско друштво што работи на непрофитна основа, со основачки капитал од еден милион тогашни германски марки. Македонската берза во тоа време ја основаа 19 правни лица, од кои 13 беа банки, три осигурителни друштва и три штедилници. Како официјален роденден на берзата се смета 28-ми март 1996 година, кога за прв пат заѕвони берзанското ѕвонче, коешто го објави официјалниот почеток на тргувањето.

2007 година беше најуспешна година во историјата на Македонската берза во којашто е остварен промет од 41,7 милијарди денари, а македонскиот берзански индекс МБИ 10 ја достигна својата највисока вредност.

Официјалниот пазар на Македонска берза е поделен на Супер котација, берзанска котација, Задолжителна котација и Котација на мали акционерски друштво. Редовниот пазар, пак, претставува пазар на некотирани хартии од вредност и истиот е поделен на пазар на акционерски друштва со посебни обврски за известување и Слободен пазар.

СЕИ – НЕТ и СЕЕ Линк

СЕИ – НЕТ претставува системот за електронски информации за котираните друштва на Македонска берза, преку којшто издавачот на хартиите од вредност ги објавува сите ценовно чувствителни информации и известувања. СЕЕ Линк е заедничко друштво со седиште во Скопје основано во мај 2014 година од страна на Бугарската, Македонската и Загрепската берза. Од неодамна на СЕЕ Линк се приклучија и Љубљанската и Белградската берза. Целта на СЕЕ Линк е да биде централно место преку коешто инвеститорите ќе можат да ги следат движењата на цените, индексите и другите информации значајни за донесување на одлука за инвестирање во хартии од вредност коишто се тргувани преку оваа платформа.

email