danok-ilustracija-pixabay

Фото: Pixabay

Данок на додадена вредност (ДДВ) или на англиски Value added tax, претставува општ данок на потрошувачка. Овој вид на давачка ја имаат сите учесници во купопродажните трансакции, коишто ја пресметуваат во својата цена, а наплаќаат од следниот корисник во низата, а ја сноси крајниот потрошувач.

Предмет на оданочување кај овој вид на данок е прометот на добра и услуги што настануваат во рамки на дејноста што се извршува. Прометот се случува кога едниот субјект на другиот му продава или му подарува одреден производ или услуга, така што тој може да располага како да е негов, а предмет е само прометот што настанува во рамки на таа дејност.

Даночен обврзник е лице кое трајно или повремено самостојно врши стопанска дејност, независно од целите и резултатите на дејноста.

Според домашното законодавство, даночна основа на данокот на додадена вредност е вкупниот износ на надоместокот што е добиен или што треба да се добие за прометот, во којшто не е вклучен данокот на додадена вредност. Даночната основа ги опфаќа: даноците, вклучувајќи ги акцизите, таксите, придонесите и други давачки; зависни трошоци за пакување, натовар, истовар, превоз и осигурување, провизии и слично, како и субвенциите кои се директно поврзани со цената на прометот на производот или услугата.

Во нашата земја, ДДВ се пресметува со примена на пропорционални даночни стапки врз даночната основа и тоа: според општа даночна стапка од 18% и повластена даночна стапка од 5%.

Општата даночна стапка од 18% се применува врз целокупниот промет и увоз, освен врз прометот и увозот којшто се оданочува со повластена даночна стапка. Повластената даночна стапка од 5% се применува врз промет и увоз на: производи за исхрана на луѓе; вода за пиење од јавни системи за снабдување и одведување на урбани отпадни води и вода за наводнување на земјоделско земјиште; различни видови на публикации; семенски и саден материјал; средства за заштита на растенија; земјоделска механизација; лекови; термални сончеви системи; медицинска опрема и помагала; бебешки производи; училишен прибор; пелети и слично.

Пријава за регистрација за данокот на додадена вредност задолжително ја поднесуваат даночните обврзници со фактичко седиште, подружница, постојано живеалиште или престојувалиште во земјата чиј вкупен промет во изминатата календарска година го надминал износот од 1.000.000 денари, даночните обврзници кои во текот на календарската година го надминат износот на остварен вкупен промет од 1.000.000 денари, како и обврзниците кои при отпочнување со вршење на стопанска дејност проценуваат дека вкупниот промет во тековната година ќе го надмине овој износ. Пријавата за регистрација ја поднесуваат и оние даночни обврзници кои доброволно сакаат да се регистрираат за данокот на додадената вредност, иако нивниот вкупен промет не надминува 1.000.000 денари. Пријавата за регистрација се поднесува најдоцна до 15-ти јануари во тековната година.

Ако во текот на годината се надмине износот на остварен вкупен промет од 1.000.000 денари, пријавата се поднесува најдоцна до 15-ти во месецот кој следи по месецот кога е остварен прометот. Доколку даночниот обврзник започнал со вршењето на дејноста во текот на календарската година, пријавата се поднесува во рок од петнаесет дена од почетокот на вршењето на дејноста.

email