danok

Данок претставува дел од приходот што државата го наплаќа од физичките и правни лица за покривање на своите расходи. Според законот, тие претставуваат давачки коишто мора да бидат платени без противуслуги, а коишто служат за општо државно добро и кои на сите даночни обврзници им се наметнати со закон. Даноците претставуваат извор за финансирање на државата, а во исто време се и инструмент на економските и социјалните политики во земјата.

Една од основните карактеристики на даноците е тоа што тие се приход што не е резултат од економската активност на државата, туку од обврската за плаќање одреден данок на физичките или правните лица. Доколку даночниот обврзник не ја подмири својата обврска, државата користи принудни начини за наплата на своите побарувања. Значителен дел од собраните приходи се насочува кон јавната потрошувачка, па користа што ја имаат лицата кои плаќаат данок е од општ интерес.

presmetuva-digitron

Основни елементи на процесот на оданочување

Предмет на оданочување може да бидат приходите, потрошувачката и имотот. Во оваа поделба влегуваат: данок на добивка, персонален данок од доход, данок на додадена вредност, акцизи, царини, данок на имот, данок на наследство, јавни заеми.

Даночен обврзник е носител на обврската за плаќање данок. Даночни обврзници можат да бидат физички или правни лица кои остваруваат некоја дејност.

Даночна основа е износот од предметот на оданочување врз којшто се пресметува данокот. На пример, персоналниот данок на доход се плаќа на сите приходи што граѓанинот ги има по сите основи во текот на една година.

Даночна стапка претставува процент од утврдената даночна основа што треба да се плати.

vreme-za-danok

Видови даноци

Данок на добивка – обврска за плаќање на овој данок имаат правни лица коишто добивката ја остваруваат од вршење дејност на територијата на Македонија. Основа за пресметување на данок на добивка е износот што се исплатува во вид на дивиденда или друга распределба на добивка. Даночната стапка е 10%.

Персонален данок на доход – се плаќа на вкупниот доход остварен од страна на физичките лица од различни извор, во земјата и во странство во текот на една година. Приходите што подлежат на оданочување се: лични примања, приходи од самостојна дејност, приходи од имот и имотни права, приходи од авторски права и права од индустриска сопственост, приходи од капитал, капитална добивка, добивка од игри на среќа и други. Персоналниот данок на доход се пресметува по стапка од 10%.

Данок на додадена вредност – обврска за плаќање ДДВ имаат физички и правни лица кои вршат дејност на територијата на Македонија и кои оствариле вкупен промет над 1.000.000 денари или чиј вкупен промет се предвидува дека ќе надмине 1.000.000 денари или во текот на годината го надминува тој износ. ДДВ се пресметува со примена на пропорционални даночни стапки од 18% и 5%.

Даноци на имот – во оваа група влегуваат данок на имот, на наследство и подарок и данок на промет на недвижности. Кај данокот на имот, на пример, предмет на оданочување е недвижниот имот, а даночен обврзник е неговиот сопственик. Кај овој вид на даноци постојат пропорционални стапки од 0,10% до 0,20%.

email