stara-vaga-pixabay

Фото: Pixabay

Дефицит и суфицит се поими што означуваат недостиг или вишок што може да се изрази во пари или некоја друга вредност.

Поимот дефицит има латинско потекло од зборот deficere, што означува недостаток, па се користи кога треба да се укаже за некаков кусок, помал износ или количина. Се користи, не само во буџетскиот речник, туку и за да се опише недостиг од одреден производ, професија на пазарот на трудот или кусок во благајната на компанијата или банката.

На пример, трговски дефицит праксата препознава кога во текот на една фискална година, земјата направила извоз на стоки и услуги во висина од 100 милиони евра, а увозот е на ниво од 250 милиони евра. Примерот покажува дека земјата во тој период повеќе увезувала, а помалку извезува и трговскиот дефицит во тој период има вредност од 150 милиони евра. Наспроти тоа е буџетскиот дефицит, случај кога државните издатоци (за изградба на инфраструктура, социјални трансфери, плати за вработени во администрацијата…) се повисоки од приходите што по различни основи се слеваат во државната каса.

Доколку во една земја има недостиг од одреден кадар, може да се искористи поимот дефицит за да се отслика таа појава. На пример, ако во одредена земја има недостиг од лекари, таа професија може да се смета за дефицитарна.

Суфицит е поим што има латинско потекло од зборот sufficerre, што означува доволно или достигнато одредено ниво. Во економска смисла ја покажува позитивната разлика меѓу вкупните приходи и расходи. Кога се анализира буџетот на една земја, суфицит има кога вкупните приходи имаат поголема вредност и ги покриваат трошоците. Во надворешно – трговската размена, суфицитот укажува на зголемена извозна активност за сметка на увозот.

Според економската логика, суфицитот треба да биде поомилен за разлика од дефицитот, бидејќи сигнализира силна економска активност, раст и развој на долг рок.

email