pexels-photo-262558

Фото: Pexels

Депозит е вложување на финансиски средства кои населението, државните органи, организациите и финансиските друштва ги вложуваат во банките. Депозитите претставуваат основен извор на парични средства на банките, од кои потоа тие одобруваат кредити, па затоа имаат огромно значење во нивното работење. За банката да биде конкурентна на финансискиот пазар, исклучително е важно да го обезбеди потребниот износ на депозити по определена разумна цена. Затоа, депозитното работење има значително влијание врз профитабилноста на банката и врз можноста за нејзин раст. Карактеристиките на депозитните производи се различни во секоја банка, што е одраз на нивните напори да задоволат различни потреби и барања на потрошувачите.

Депозитите, претставуваат стабилни извори на средства, затоа што се со ниска еластичност во однос на промените на каматните стапки. Односно, доколку каматните стапки имаат пораст, населението и претпријатијата кои што имаат долгорочна соработка со банките, нема да ги повлечат депозитите.

Депозитите на населението и на друготе инстуционални сектори се разликуваат по тоа што, само оние на населението се покриени со системот на осигурување во случај на ликвидација.

Видови на депозити

Трансакциски депозити

Трансакциските депозити претставуваат денарски и девизни сметки, што луѓето, претпријатијата и другите организации ги отвораат во банките со цел да вршат разни плаќања, како на пример, купување на производи, плаќање сметки, да вршат набавки и слично. Парите на ваквите трансакциски депозити не се орочени со договорен рок, за корисниците да можат непречено да управуваат со нив. Но, и покрај тоа што не се временски орочени, во пракса, овие пари, се задржуваат во банката долг временски период.

Штедни депозити

За разлика од трансакциските депозити, коишто служат за финансирање на теховните расходи, штедните депозити, ги претставуваат слободните парични средства на населението и правните лица. Штедните депозити исто така може да не бидат орочени (депозити по видување), за коишто каматната стапка е многу ниска. Но, во пракса најголемиот дел од штедните депозити се орочени, при што рокот на орочување е варијабилен во зависност од потребите на клиентот. Орочените депозити имаат далеку повисоки каматни стапки во споредба со трансакциските, па се движат дури до 10% на денарските и 5% на девизните штедни влогови.

Други видови на депозити

Со текот на времето, банките почнале да нудат и хибридни форми на депозити, кои се комбинација од трансакциските и штедните депозити. На пример, некои банки им нудат можност на клиентите да отворат орочени депозити од кои можат да повлекуваат пари во секое време пред рокот на орочување. Овие депозити, исто така имаат високи каматни сметки, но каматата се премсетува само на износот кој останува орочен. Освен хибридните (трансакциско-штедни депозити) постојат и голем број на други видови депозити. Како на пример наменски, ограничени или поврзани со извршување на определни трансакции.