diskont-pixabay

Фото: Pixabay

Во основа, под овој поим се подразбира намалување на цената што може да биде вообичаена, одредена или очекувана. Дисконтот претставува попуст на финалната продажна цена што им се одобрува на купувачите поради одредени причини, како што се: плаќање во готово, купување на поголема количина, купување вон сезона, за време на промотивен период и слично.

Постојат повеќе видови на дисконти:

  • Готовински дисконт – купувачот добива попуст доколку го плати целиот износ во готово.
  • Антиципативен дисконт – дополнителен попуст што се одобрува во случај купувачот да го плати потребниот износ пред истекот на рокот на готовинскиот дисконт.
  • Кумулативен дисконт – вид на дисконт или попуст што се одобрува на основа на обемот на работењето со деловниот партнер. Најчесто во случаи кога има поголема количина на купени производи или услуги во одреден временски период.

Исто така, со поимот дисконт се означува и откуп на побарување пред неговото достасување, по што се одбива камата, провизија и трошоци. Дисконт претставува и камата што е пресметана од денот на купување на меницата до денот на нејзино достасување што се одбива од износот на меницата при откуп пред рокот. Со дисконт се означува и начинот на продажба на краткорочни должнички хартии од вредност (на пример, благајнички или комерцијални записи) со попуст.