nosi-digitron-na-grb

Фото: Pixabay

Под финансиска дисциплина се подразбира состојба во којашто сите учесници на пазарот ги исполнуваат своите обврски во рамки на законските и договорените рокови.

Тенденцијата на секоја национална економија е одржување на високо ниво на финансиска дисциплина, бидејќи на тој начин се намалуваат ризиците и трошоците на работењето, а се поттикнува и долгорочен економски раст. Во отсуство на финансиска дисциплина се појавуваат голем број последици, меѓу кои: раст на ризиците; раст на трошоците на трансакциите; потенцијал за развој на финансиска криза; неефикасна конкуренција; дисбаланс на пазарната рамнотежа, забавување на економскиот раст…

Доколку една национална економија е финансиски недисциплинирана, главни показатели за тоа се: висок процент на лоши кредити; продолжени рокови за подмирување на комерцијални обврски; висок процент на долгови; продлабочување на сивата економија и слично.

Непобитен факт е дека ниту една земја не може да воспостави целосна финансиска дисциплина, ниту тоа практично е возможно. Она што е важно е таа да биде што е можно посилна и поддржана од применлива законска регулатива, којашто ќе ги санкционира оние коишто се недисциплинирани.

Финансиската дисциплина во Македонија се регулира преку Законот за финансиска дисциплина што стапи на сила од први мај 2014 година. Со овој закон, како што пропишува законодавецот, се уредува навременото исполнување на паричните обврски што произлегуваат од реализација на деловни трансакции меѓу економските оператори од приватниот сектор, односно меѓу субјектите од јавниот сектор и економските оператори од приватниот сектор, заради спречување на неисполнување на паричните обврски во утврдените рокови согласно законот.

Според оваа законска рамка, во деловна трансакција меѓу економските оператори од приватниот сектор не може да се договори рок за исполнување на паричните обврски подолг од 60 дена. Постои можност и за договарање на рок не подолг од 120 дена, доколку постои изречна писмена согласност од двете договорни страни.

Исто така, пропишана е и глоба од 10.000 евра доколку трговското друштво, трговецот поединец и правно лице не ја исполни паричната обврска во договорените рокови. Исто толкава е глобата и за субјект од јавниот сектор, доколку не се исполни паричната обврска во утврдениот рок.

email