digitron-pixabay

Ликвидност претставува проток на средства од паричен во било каков друг облик. Една компанија е ликвидна доколку има способност навремено да ги подмирува секојдневните обврски. Од друга страна, под солвентност се подразбира способност на една компанија на долг рок да ги исполни своите обврски кон добавувачите, клиентите, државата…

Под ликвидни средства во една компанија се подразбираат: пари на жиро сметка, готовина во каса, пари на девизна сметка, хартии од вредност. Сите овие облици на средства лесно може да се трансформираат од пари во било каква друга актива. Кога компанијата има на располагање онолку средства колку што се неопходни за сервисирање на долговите, со право може да се смета за ликвидна.

Иако во овие услови на стопанисување е тешко да се одржи идеална ликвидност, бидејќи постојат голем број ризик фактори, секоја компанија треба да води сметка за: вкупниот износ и структура на средства, динамика на нивното движење (според рокот на достасување и рочноста), роковите на достасување на обврските, како и на роковите на наплата на своите побарувања.

lap-top-i-ocila-pixabay

Теоријата помага да се утврди коефициентот на ликвидност на една компанија. Тој го прикажува односот меѓу средствата и краткорочните обврски на компанијата. Доколку неговата вредност надминува 1 (еден) тоа значи дека средствата имаат поголема вредност од обврските, а тоа е показател за ликвидност на компанијата.

Постојат три основни видови на ликвидност: прекумерна, оптимална и незадоволителна. Прекумерната ликвидност е индикатор дека компанијата располага со поголем вишок на средства и покрај тоа што има готовина или пари на жиро сметка за да ги покрие достасаните обврски. Овој вид на ликвидност може да се сретне во случај на, на пример, продажба на недвижен имот. Оптималната ликвидност ја покажува одличната финансиска кондиција на компанијата за подмирување на достасаните обврски, но и сигурна резерва на финансии што е неопходна за ликвидност на долг рок. Последна е незадоволителната ликвидност, којашто сигнализира недостиг на готовина за подмирување на обврските што достасуваат.

Не само што е важна краткорочната способност на компанијата за сервисирање на своите обврски, мошне значајна улога игра солвентноста. Таа ја претставува долгорочната платежна способност на компанијата. За разлика од ликвидноста, солвентноста е индикатор дека фирмата ќе може да ги подмирува своите обврски не само од ликвидните средства, туку и ликвидационата маса. Солвентноста е важен параметар за долгорочна финансиска стабилност на компанијата и нејзина одржливост на пазарот.

Фото: Pixabay

email