car leasing

Поимот лизинг потекнува од американскиот збор lease, што значи изнајмување или давање под наем. Претставува начин на финансирање преку којшто корисникот на лизингот стекнува економско право на користење на одреден предмет во точно утврден временски период, додека лизинг компанијата ја задржува правната сопственост над истиот до истекот на договорот.

Главна причина поради којашто се користи лизингот е во профитабилното користење на одреден предмет со флексибилен начин на плаќање што овозможува инвестирање без врзување на основниот капитал. Најчесто предмет на лизинг може да бидат возила, опрема или недвижен имот.

kola na digitron

Финансиски лизинг

Финансискиот лизинг претставува финансирање на купување со право на користење на предметот на лизинг до истекот на договорот. Преку лизингот, корисникот не вложува сопствени средства за набавка на машината или опремата, туку има обврска периодично да плаќа надомест за нејзино користење. Лизинг компаниите овозможуваат по истекот на договорот, корисникот на предметот на лизинг да стане и негов сопственик.

Најчесто, финансискиот лизинг се користи на среден и долг рок во зависност од економската и техничката употребна вредност на предметот на лизинг. Оваа форма на финансирање не опфаќа користење на услуги, туку само за недвижен или движен имот. По истекот на рокот, договорот во поголемиот број случаи завршува со пренос на сопственоста врз предметот на корисникот на лизинг.

Физичките и правните лица се одлучуваат за финансискиот лизинг поради едноставната процедура за одобрување. Еден од недостатоците на овој вид на финансирање е тоа што не може да се продаде предметот на лизинг без согласност од компанијата, како и повисоките трошоци за одржување.

kluc na raka avtomobil

Оперативен лизинг

Оперативниот лизинг е краткорочен договор за закуп каде што периодот на договор е пократок од економскиот век на траење. Корисникот на оперативниот лизинг обично го плаќа целокупното одржување и сервисирање на предметот што се закупува. Целта на лизингот е користење на предметот на лизинг за некоја привремена употреба и од таа причина е на краток рок.

Едноставната процедура, како кај финансискиот, е дел од главните предности и на оперативниот лизинг.

Лизингот во Македонија

Законодавецот во 2002 година го донесе законот за лизинг, според којшто лизингот претставува трансакција којашто се однесува на опиплив подвижен предмет, во која корисникот на лизинг го определува предметот на лизинг којшто е купен од страна на давателот на лизинг и се дава на корисникот на лизинг за договорен временски период, врз основа на договорот за лизинг кој е склучен меѓу давателот и корисникот на лизинг, според условите определени во него.

Според податоците на Министерството за финансии, осум компании овозможуваат финансиски лизинг.

email