Hand with pen makes signature

Меницата претставува безусловна наредба којашто ја дава издавачот (трасантот) на лицето што ја врши исплатата по меницата (трасатот) да се исплати одреден паричен износ на физичкото или правното лице (ремитент).

Со еден збор, меницата претставува средство за плаќање и инструмент за обезбедување на плаќањата.

Постојат повеќе видови на меници, а меѓу најчестите се трасирана и сопствена. Суштинската разлика меѓу нив две е во тоа што кај сопствената меница постои изјава за неотповиклива исплата, додека кај трасираната постои наредба за неотповиклива исплата. Сопствената меница претставува безусловно ветување преземено од трасантот како трасат дека ќе исплати одреден износ на ремитентот наведен на меницата.

Елементи на трасирана меница

Секоја трасирана меница мора да има ознака дека станува збор за таков валиден документ. Да има точно назначено име, односно назив и седиште на лицето или институцијата што ќе ја врши исплатата. Важен елемент е безусловната наредба да се плати одреден износ од покритието на налогодавачот, односно издавачот на меницата. На оваа хартија од вредност мора точно да се детерминира времето и место на извршување на исплатата, името на лицето или институцијата на којашто ќе му биде исплатен меничниот износ. На секоја меница мора да има назначено ден и место на издавање, како и потпис на трасантот.

Елементи на сопствена меница

Овој вид на меници мора да имаат безусловно ветување дека ќе се исплати одредена сума на пари, како и времето на достасување на обврската, времето и местото на исплата на обврската, денот и местото на издавање и потпис на трасантот.

Бланко меница

Станува збор за непополнет меничен образец на којшто ги има сите потребни потписи и законски може да стане меница откако се пополнат податоците што недостасуваат. Најчесто се користи како обезбедување на заем на поединци или компании – доколку должникот нормално го отплатува својот долг. При целосна исплата на заемот, бланко меницата му се враќа на должникот. Доколку должникот престане со отплата на бланко меница, во тој случај се пополнува остатокот од долгот.

Поважни поими поврзани со меницата

Трасант – налогодавач или издавач на меницата

Трасат – лицето што ја врши исплатата на меницата

Трасирање на меница – одредување на лицето што треба да изврши плаќање по меницата

Ремитент – физичко или правно лице на кое му се исплатува износот

Емитенти на меница – банки и патнички агенции што издаваат одредени видови на меници

Индосамент – изјава нотирана на меницата од носителот на правото на наплата за пренесување на тоа право на друго лице

Индосант – носител на правото на наплата што врши индосамент

Акцепт – изјава на трасатот за признавање, односно прифаќање на обврската за плаќање на износот на којшто гласи меницата

Цесија – отстапување на правото на наплата врз основа на меницата со договор

Алонж – дел од меницата што е врзан за истата

Авал – гаранција којашто се нотира дека износот назначен во меницата ќе се исплати

Инкасо – преземање на меницата од корисникот без да се исплати, со обврска банката да го наплати во странство, потоа истиот да го исплати

Банкарска меница – меница во која трасантот и трасатот е банката

email