pari-2

Фото: Pexels

Микро кредитирање претставува процес на обезбедување финансиски услуги на физички лица, како и на микро, мали и средни компании. За прв пат, овој термин започнува да се користи во 70-тите години на минатиот век во Азија и најчесто се поврзува со неразвиени и земји во развој.

Целта на овој вид на кредитирање е финансиска поддршка на лица со пониски приходи, како и мали компании коишто планираат да започнат сопствен бизнис или да реализираат одредена економски исплатлива идеја. Микро кредитирањето го олеснува пристапот до финансии на оние кои имаат потешкотии да дојдат до потребните средства.

Вообичаено, за добивање на кредит банките бараат исполнување на точно утврдени  услови, како што се: стабилни примања, редовно вработување, обезбедување на кредитот и слично.

Основни карактеристики на микро кредитирањето се:

  • Релативно полесен пристап до финансии;
  • Нема голема административна процедура;
  • Одобрените кредити се со износи кои се соодветни на капацитетот и потребите на кредитобарателот;
  • Се води сметка за намената на средствата и бизнис циклусот;
  • Имаат висока стапка на наплатливост на кредитите, поради развивањето на силен однос меѓу клиентот и компанијата што го одобрува кредитот;
  • Финансиските институции што се занимаваат со микро кредитирање имаат висок степен на општествена одговорност.

Македонската банка за поддршка на развој има кредитна линија, чија цел е поддршка на иницијативи на микробизниси на мали и средни компании. Потенцијални корисници на кредитите се постојани и новоосновани компании кои се (барем 51%) во приватна сопственост. Такви компании се: микро и мали трговски друштва, индивидуални претприемачи, занаетчиски дуќани, приватни трговци, тезги на пазар и други микро и мали стопански субјекти. Овие кредити се наменети за финансирање на набавка на опрема, градежни работи, земјиште и за обртни средства.

Микро кредитите гласат на износ од 15.000 евра, може да ги користат субјекти што вработуваат најмногу 20 вработени, а рокот на отплата е до 24 месеци. Малите кредити се на износ до 50.000 евра, се наменети за мали претпријатија до 100 вработени, додека рокот на отплата е до 48 месеци. Барањата за вакви кредити може да се поднесат во: Халк Банк, Шпаркасе Банка, ПроКредит, НЛБ банка и Штедилница Можности.

Во насока на истакнување на микрофинансирањето како битен дел од македонската економија на 22 септември во Скопје се одржа првиот регионален форум на тема “Со микрофинансирање до финансиска инклузија”. Истиот беше организиран од Сојузот на микрофинансиски организации и Проектот на УСАИД за иновација и инклузија во микрофинансирањето и во соработка со штедилниците Можности и Фулм, микрокредитната фондација Хоризонти и Македонската развојна фондација за претпријатија.

email