centi-pixabay

Фото: Pixabay

Паричен тек (cash flow) претставува економска категорија што го покажува движењето на готовината на пари во одреден временски период. Покажувајќи ги сите приливи и одливи на пари во една компанија, во утврден временски период, паричниот тек ја дава вистинската слика за финансиската кондиција на физичко или правно лице.

Под поимот готовина не се зема предвид само готовината во физичка форма, туку и парите со коишто располага компанијата на жиро сметка, во благајна, депозити и различни финансиски инструменти што за краток рок може да се претворат во готови пари.

Концептот на паричен тек е развиен во 40-тите години од минатиот век во САД. Во Европа овој концепт се јавува на крајот на 50-тите години, а потоа континуирано се применува во финансиските извештаи на компаниите, како и во стручни публикации.

Движењето на парите во една компанија во текот на пресметковната година се следи со помош на извештајот за паричен тек. Преку негова анализа може да се оцени успешното управување на менаџментот со готовината, како и проценката на идните текови за да не дојде до нарушување на тековите во иднина. Извештајот за парични текови, исто така, служи за пренос на информации на менаџерите, инвеститорите, но и кредиторите за приливите и одливите на пари што се случуваат во една компанија.

email