patent-pixabay

Фото: Pixabay

Патент претставува збир на ексклузивни права што државата или некој друг авторитет му ги гарантира на пронаоѓачот, го штити неговиот пронајдок од употреба, искористување и продавање од страна на други физички или правни лица.

Патентот на сопственикот му овозможува ексклузивно право на изработка, користење, ставање во промет или продажба на изум заштитен со патент, во текот на ограничен временски период којшто по правило не може да трае повеќе од 20 години. Суштинските услови што треба да еден изум да ги задоволи за признавање патент се: новитет во однос на актуелната технологија, иновативност и индустриска применливост односно практична примена.

Вообичаено, постојат три вида на патенти: основен, дополнителен или зависен.

Основниот патент е оној што се издава за нов пронајдок со исполнување на сите општи услови предвидени со закон, а е поднесен за заштита од страна на пронаоѓачот за издавање на патент.

Дополнителниот патент значи еднаш издаден основен патент, кога пронаоѓачот може дополнително да го усовршува, дополнува и во таков случај има право да бара издавање покрај основниот што веќе го има, и ваков дополнителен патент.

Зависен или врзан патент се издава во случај кога пронајдокот не може да се користи без употреба на некој друг претходно издаден патент.

За да се добие патент, задолжително се поднесува писмена пријава, којашто е основен документ со којшто се започнува постапката за издавање на патент.

Патентот, како соодветен вид на заштита на некој пронајдок носи права само во земјата каде што е издаден. Исто така, се овозможува и поништување на патентот од неколку причини: пронајдокот во време на пријавата не бил нов, пронајдокот не може да се примени или би исклучен од патентната заштита.

Патентните права се временски ограничени. Секоја земја во своето национално законодавство го определува максималното време на траење на еден патент, па според нашето тој рок е 20 години од поднесување на пријавата за патентирање.

email